Обвинителството инсистира за осудителна пресуда за Заев, но бара помала казна

by fokus

Обвинителката Валентина Бислимовса во своите завршни зборови за случајот „Поктуп“ направи преквалификација на кривичното дело со кое се гони премиерот Зоран Заев, па така наместо за примање поткуп, обвинителката реши да го гони за кривичното дело од член 357 став 2 од Кривичниот законик, односно за барање на поткуп.

Според ова кривично дело е предвидена затворска казна од една до пет години.

Бислимовска образложи дека преквалификацијата е направена бидејќи од доказите произлегло дека Заев не примил мито, а и самиот сведок Иван Николов сведочел дека никогаш не му дал пари на премиерот Заев.

-Со оглед дека од сите докази произлезе дека обвинетиот не прибавил имотна корист и не е извршено кривичното дело за кое се гонеше, вршам измена и дополнување на диспозитивот. Во текот на 2014 година побарал пари за себе и за друг за изградба на црква за службено дејствие што морал да ги изврши, истакна обвинителката Бислимовска која додаде дека му положила верба на сведокот кој постојано потврдувал дека Заев му барал поткуп.

Таа побара осудителна пресуда по искажаните завршни зборови.

-Барам од судот да ги оцени сите олеснителни и отежителни околности и да донесе правична пресуда, рече Бислимовска.

Според старото обвинение, на Заев му се закануваше најмала казна од пет години.

В.В.

Поврзани новости