Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција не информира дека со внимание ги следи информациите поврзани со Управата за матични книги, која, како што објави Фокус, склучила договор за дигитализација вреден половина милион евра со фирма формирана пред само 3 месеци. Од Обвинителството посочуваат дека очекуваат да постапат институциите во чија надлежност е откривање на овој вид на криминал.
„Согласно своите надлежности, обвинителството ќе ги даде неопходните насоки, упатства и наредби и доколку се утврдат елементи на кривично дело ќе ги гони сторителите. Воедно, ја охрабруваме јавноста доколку има сознанија за одредено кривично дело истото да го пријави во надлежните органи на прогон кои се должни да постапат по пријавата и да се расчисти случајот“, ни изјавија од обвинителството.
Претходно, реагираа и од Комисијата за спречување на корупција и судир на интереси, која не извести дека отворила предмет по сопствена иницијатива. Како што велат од Комисијата, во тек е постапувањето во рамки на овој предмет, што подразбира прибирање на податоци и информации со цел, истакнуваат од таму, да се проверат наводите и да се утврди фактичката состојба.
Како што веќе пишувавме, Управата од 2019 година наваму спровела неколку тендери за набавка на хардвер, софтвер и за дигитализација, чија вкупна вредност надминува 1,5 милиони евра. Притоа, најголемиот договор од половина милион евра беше склучен во март годинава за скенирање списи и внес на податоци со компанијата „Новатек Инв“ во сопственост на Љирим Фетаи, која е формирана за трговија на големо еден месец пред објавувањето на огласот за тендерската постапка и само 3 месеци пред склучувањето на договорот за јавна набавка.
Инаку, друштвото било единствен учесник во тендерската постапка, при што доставило понуда и потоа склучило договор во износ идентичен на проценетата вредност на набавката, која патем не била објавена во огласот. Во меѓувреме, овој тендер го проблематизираше и опозицијата, која побара надлежните органи да постапат, бидејќи, според нив, се работи за коруптивна зделка меѓу институција раководена од кадарот на ДУИ Бујар Дардишта и фирма поседувана од син на македонски амбасадор.
Влатко Стојановски