Антикорупциска отвори предмет за тендерот за дигитализација на матичните книги

by Фокус

Откако Фокус објави дека Управата за матични книги склучила договор за дигитализација вреден половина милион евра со фирма формирана пред само 3 месеци, предмет отвори Државната комисија за спречување на корупција и судир на интереси.

Во врска со наводите објавени во врска со оваа постапка за јавна набавка, ДКСК отвори предмет по сопствена иницијатива и во тек е постапувањето по истиот, односно се прибираат податоци и информации со цел проверка на наводите и утврдување на фактичката состојба“, не информираа од Комисијата.

Како што веќе пишувавме, Управата од 2019 година наваму спровела неколку тендери за набавка на хардвер, софтвер и за дигитализација, чија вкупна вредност надминува 1,5 милиони евра.

Притоа, најголемиот договор од половина милион евра беше склучен во март годинава за скенирање списи и внес на податоци со компанијата „Новатек Инв“ во сопственост на Љирим Фетаи, која е формирана за трговија на големо еден месец пред објавувањето на огласот за тендерската постапка и само 3 месеци пред склучувањето на договорот за јавна набавка.

Инаку, друштвото било единствен учесник во тендерската постапка, при што доставило понуда и потоа склучило договор во износ идентичен на проценетата вредност на набавката, која патем не била објавена во огласот.

Во меѓувреме, овој тендер го проблематизираше и албанската опозиција, која побара надлежните органи да постапат, бидејќи, според нив, се работи за коруптивна зделка меѓу институција раководена од кадарот на ДУИ Бујар Дардишта и фирма поседувана од син на македонски амбасадор.

Исто така, се обративме и до Јавното обвинителство, но досега не добивме одговор дали постапуваат во врска со овој случај.

Влатко Стојановски

Поврзани новости