Скопското јавно обвинителство бара притвор за вчерашната сообраќајна несреќа во која животот го загуби 24-годишната Викторија Николова од Радовиш, а нејзин врсник беше повреден и пренесен на болничко лекување.
Во соопштението на ОЈО се вели дека е донесена Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека ги сторило кривичните дела – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот како и Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.
„Осомничениот, на 20 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувал со патничко моторно возило Цитроен Ц4 по булеварот „Партизански одреди“. Кога дошол до крстосницата со улиците „Московска“ и „Љубљанска“, каде светлосните сообраќајни знаци – семафори биле исклучени од програм и работеле со трепкаво жолто светло, тој постапил спротивно на член 19 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, односно иако бил должен не обрнал внимание на пешаците на коловозот.
Спротивно и на членот 35, приоѓајќи кон обележан пешачки премин, осомниченио управувал со автомобилот со брзина поголема од 50 километри на час, со што бил оневозможен навремено да го запре возилото во случај на потреба. Со предниот дел од возилото удрил во двајца пешаци кои поминувале по обележаниот пешачки премин. Оштетената девојка притоа се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место, додека другиот пешак бил повреден и пренесен во болница“, стои во соопштението од Обвинителството.
Според информациите од Обвинителството, осомничениот возач ги оставил без помош повредените лица и останал во своето возило до доаѓањето на увидната екипа.
„Бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност осомничениот да влијае врз сведоците или вештаците и со тоа да ја попречува кривичната постапка, како и оправдан страв дека би можел да го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор“, велат од Обвинителството.
22-годишното момче веќе е префрлено во Кривичниот суд каде ќе му биде извршен распит и ќе се знае дали ќе му биде одредена мерка притвор во траење од 30 дена.