СКМ ќе ја повлече иницијативата пред Уставен за недела-неработен ден

by Фокус

Премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Стопанската комора Бранко Азески се согласија Комората на 18-ти февруари да ја повлече иницијативата пред Уставниот суд во врска со законското решение за недела неработен ден. Како што соопштија од владата, тие во периодот што претстои ќе се обидат да најдат сеопфатни решенија за предизвиците околу спроведувањето на законот.

-Целта на денешната посета практично е продолжување на соработката и затоа состанокот веднаш го правиме во првата недела од изгласувањето на новата Влада и сакам да ве уверам дека ваков тип на средби ќе продолжат без разлика дали тие ќе се случуваат тука или ќе се случуваат во кабинетот на Владата, ние остануваме поддржувач како Влада на приватниот сектор, тоа е курс кој го имаше оваа Влада уште од нејзиното формирање – рече Ковачевски  пред компаниите членки на комората.

На состанокот премиерот Ковачевски, заедно со владиниот економски тим, вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори, Фатмир Битиќи, министрите за финансии Фатмир Бесими, за економија Крешник Бектеши, како и за труд и социјална политика Јована Тренчевска дискутираа со раководството на Стопанската комора за реализацијата на Планот за економски раст, кој се однесува на забрзување на домашните јавни и капитални инвестиции како и на странските стратешки инвестиции.