Во податоците што Специјалното јавно обвинителство ги доставило до Основното јавно обвинителство Скопје, кое ја истражува смртта на Коста Крпач, немало ниту еден доказ дека тој бил под притисок, тврди обвинителството.
-Од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите не е доставен ниту еден доказ ниту пак било каква релевантна информација во таа насока, но и покрај тоа Основното јавно обвинителство – Скопје продолжува да го истражува случајот. – стои во соопштението на скопското обвинителство.
Од таму додаваат дека околу смртта на Коста Крпач во јавноста „се шират бројни шпекулации што ѝ попречуваат на истрагата и создаваат притисок врз институциите“, а обвинителството со внимание ги следи и ги истражува сите објавени и добиени информации за целосно да го истражи случајот.
Од СЈО вчера пак соопштија дека им дале податоци кои може да помогнат во истрагата за смртта на Крпач, но дека скопското обвинителство барало, а не добило податоци кои се тајни и во рамките на предистражната постапка за која сведочел Крпач.
Oд специјалното обвинителство велат дека во целост соработуваат со ОЈО Скопје, но дека од другата страна отсуствува ваков однос на „целосна и професионална соработка“.