Основното јавно обвинителство Скопје отвори предмет по допрен глас во врска со евентуални неправилности при увозот, дистрибуцијата и употребата на вакцината МРП, во периодот од крајот на 2018 и почетокот на 2019 година.
Од таму велат дека Обвинителството ќе проверува дали постоеле неправилности при увозот на вакцините, нивниот рок на употреба, како и евентуално предизвикани штетни последици.
„Со таа цел надлежен јавен обвинител веќе издаде Наредба до Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи со која побара да се извршат проверки во правното лице „Македонија лек“, како увозник и дистрибутер на вакцината МРП. Од фирмата-увозник ќе треба да се обезбеди комплетната документација поврзана со увозот на вакцините и нивното етикетирање. Проверки ќе се извршат и во Агенцијата за лекови и медицински помагала – МАЛМЕД во поглед на извршените контроли на увезените вакцини и евентуално констатираните неправилности. Согласно издадената наредба од јавниот обвинител, Министерството за внатрешни работи ќе направи проверки за случајот и во Министерството за здравство како ресорно министерство“, додаваат од таму.