Обвинителот Бубевски до Иванов: Ќе барам соодветна отштета и ќе ги искористам сите правни механизми

by Фокус 17:40
17:40

„Г. Иванов,

Со Ваша одлука од 12.04.2016 година и решение за помилување од истиот датум сте одлучиле да ме ослободите од кривично гонење.

- Advertising -

Во овој момент Ви се обраќам како граѓанин на оваа држава, освен ако некој исто така со ништо не повикан како и Вие, не ме отпишал и од државјанство.

Оставив да поминат неколку дена, како би можел да го исконтролирам својот гнев за оваа Ваша одлука и сепак да останам прибран во писмото кое планирав од првиот момент да Ви го испратам. Верувајте, во првичната верзија на писмото немаше да се препознаете дека сте човек, за Претседател и без тоа веќе си знаете.

Значи, барам веднаш да донесете одлука со која надвор од правна сила ќе ја ставите одлуката за помилување која сте ја донеле спрема мене и веднаш да ја објавите во Службен весник. Спремен сум да Ви доставам и образец за тоа како да изгледа, затоа што немам некоја искрена верба во Вашиот правен тим, вие треба само да го потпишете. За жал, Вие се уште сте овластен потписник на такви акти.

Имено, во неколку наврати се обидов да го ислушам до крај Вашето обраќање до јавноста и не успеав. Верувам дека и Вие самиот не можете да го ислушате. Кога слушнав дека сте донеле одлука за помилување на сите политичари, и тоа го спакувавте како врвен интерес на Република Македонија, почнавте да ми се допаѓате.

Во тој момент помислив дека Вие сте доброќуден циник и очекував во истиот стил на крај да кажете „се разбира дека сево ова е само обична шега и ја закажав оваа прес конференција за да ја релаксирам состојбата во државата“, со крајно поентирање дека врвен интерес на Република Македонија не може да биде неказнивоста на политичарите, напротив, врвен или највисок интерес е тие да бидат казнети ако сториле кривично дело. За жал, згрешив во проценката, и не само тоа, туку во службен весник од 12.04.2016 година меѓу помилуваните бев и јас, како врвен политичар.

Не можам да се изначудам на кој начин отворивте процедура за мое помилување, од каде Ви се податоците дека против мене се води некаква постапка, дали воопшто знаете дали е започнато некакво кривично гонење против мене за да ме ослободите од истото. Господине Иванов, од Вас јас не барам милостина и не ја сакам, јас ако нешто сум направил и тоа претставува кривично дело ќе си одговарам за тоа, само обвинителството ќе треба да докаже. Како јавен обвинител треба да бидам пример за правичност и правда и затоа инсистирам да одговарам за моите постапки.

Вие ме помилувавте затоа што против мене била поднесена кривична пријава, не знам точно ниту за кое кривично дело, од средствата за јавно информирање разбрав дека е за малтретирање во службата, и тоа од лице кое сум го испитувал како сведок во присуство на уште двајца обвинители и записничар. Мотивите за пријавата нема да ги коментирам, познати им се на тие кои ја бараа вашата милостина.

Не знам дали Вие знаете колку кривични пријави секојдневно се поднесуваат во Скопското јавно обвинителство, меѓу другото и за јавни обвинители и за судии, дури и за раководните лица на тие институции, секако и за Јавниот обвинител на Република Македонија.

Зошто едноставно не го побаравте уписникот на кривични пријави и не ги ослободивте од гонење сите пријавени. Дали Вашиот правен тим, кој и да учествува во него, Ви посочил дека за да се ослободи човек од гонење треба некој да го гони? Како Вие мене ме ослободувате, од што, од кривичната пријава?

Дали некое пријавено лице ќе биде кривично гонето одлучува јавниот обвинител врз основа на расположивата документација. Тој процес започнува кога против конкретно лице ќе започне истражна постапка или истражно дејствие и тоа лице стекнува кривично правен статус на осомничен. Во поканата со која ме повикуваа во Основното јавно обвинителство Скопје и во кој воопшто не беше наведено за кое кривично дело, од кои причини и ја вратив, бев повикан како пријавено лице, а не како осомничен.

Сакам да кажам дека јавниот обвинител не ми дал својство на осомничен, за да Вие имате можност да ме помилувате, меѓутоа си ги пречекоривте овластувањата и ставивте рака со забрана за мое гонење. Дури и да сум осомничен не барам милостина, јас за своето недело, ако сум го сторил ќе си одговарам.

Дали сте свесен дека со тоа индиректно ме посочивте како извршител на кривично дело, а од политички причини не дозволувате да одговарам? Од кога јас сум врвен интерес за Вас? Дали сте свесен колку ја повредивте и мојата чест и мојот углед и за тоа Ве уверувам дека ќе си барам соодветна отштета и за мене и за поблиското мое семејство и ќе ги искористам сите правни механизми кои ми стојат на располагање.

Штетата ќе ја барам по правилата на објективна одговорност од институцијата Претседател на Република Македонија. За субјективната Ваша одговорност се уште имам дилеми и сум поборник дека нема потреба да Ви поднесувам кривична пријава за оваа одлука.

Сакам да ви посочам и дека Јавното обвинителство на Република Македонија против едно лице води постапка за психолошко помагање на кривично дело. Дури и првостепениот суд го има прифатено таквиот став. За Ваша среќа, сега засега Апелациониот суд во Скопје не е на таа линија.

Инаку, во ситуација кога помилувавте толку многу лица, притоа за некои ниту се води, за некои е поведена, а некои се и осудени, и според Вашето излагање планирате и понатаму да помилувате, јас можам да Ви укажам дека Вие во контекст на претходно кажаното вршите психолошко помагање според правните сфаќања на Јавното обвинителство на Република Македонија, и тоа речиси на сите кривични дела од Кривичниот Законик.

Вие не знаете какви се дејствија, односно недејствија има во прислушкуваните разговори. Тргнавте во многу опасна авантура и верувам дека се работи или за лекомисленост, или за измама спрема Вас, за да донесете таква одлука или за правна или стварна заблуда во однос и на можноста и на суштината за ваква одлука, или за некаква уцена. Употребата на членот 11 од Законот за помилување исто така нема да го коментирам. Доволно Ви кажаа сите истакнати правни умови во оваа држава.

Било кој од овие институти да постоел при донесувањето на Вашата одлука, па и заблудата за употреба на членот 11 од Законот за помилување, барам, барем по однос на мене да се повикате на некој од нив, односно на тој што постоел, да ја ставите вон сила претходната одлука и да го поништите решението со кое ме помилувавте.“

Поврзани новости