Обвинителката Соња Симовска е избрана за в.д. републички јавен обвинител на денешната седница на Советот на јавните обвинители. Изборот следуваше бидејќи обвинителот Љубомир Јовески заминува во пензија.
Неделникот ,,Фокус” уште пред две недели објави дека на оваа позиција се очекува да биде избрана обвинителката Симовска.
Изборот на в.д. се врши бидејќи до крајот на годината е невозможно да се случи изборот на нов републички јавен обвинител. Вршителот на должност се поставува од редот на обвинителите во републичкото јавно обвинителство. Неговиот мандат не смее да трае подолго од шест месеци.
Како што веќе објавивме, во трката за нов републички јавен обвинител се Фатиме Фетаи, Лидија Раичевиќ и Љупчо Коцевски.
Владата на 19-ти декември донесе одлука да ги испрати кандидатурите за нов републички јавен обвинител на мислење во Советот на јавните обвинители.
На предлог на Владата конкурсот го распишува Собранието. Тој беше објавен на 29 ноември и траеше 15 дена.
Откако огласот заврши, на барање на Владата, Советот на јавните обвинители доставува негативно или позитивно мислење за пријавените кандидати. Потоа Владата доставува предлог до Собранието за избор на еден од кандидатите кој добил позитивно мислење.
Тогаш Собранието закажува расправа за гласање, а изборот се врши со просто мозинство.
Бидејќи обвинителот за најмоќната позиција во обвинителската хиерархија треба најпрвин да добие зелено светло од Владата, а потоа и од Собранието, останува неизвесно дали некои од овие тројца кандидати би бил по ,,вкус” на сегашното владејачко мнозинство.
Доколку никој не е по нивна мерка, или Советот не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените, тогаш Владата ќе побара од Собранието да го повтори огласот.
Извори за ,,Фокус” брифираат дека е можно овој оглас да пропадне. Како пречка се посочуваат парламентарните избори кои не очекуваат на пролет, па да се оди на распишување на нов оглас.
Валентина Вурмо