Од Јавното обвинителство испратија соопштение до јавноста со кое известуваат дека поголем број на обвинители оддржале заеднички колегиум, на кој присуствувале и раководителите на Вишите и Основните јавни обвинителства од државата, а на кој се дискутирало за новата специјална обвинителка катица Јанева и новиот Закон за специјалното обвинителство. Како што се наведува во соопштението, обвинителите биле револтирани од високите плати на обвинителите во специјалното обвинителство, а сметале и дека со неговото создавање се потценува нивната работа и стручност.
-На средбата присутните констатираа дека состојбата во која работат обвинителствата е исклучително незадоволителна, особено по однос на кадровската екипираност. Новиот Закон за кривична постапка ги зголеми надлежностите на јавното обвинителство, но техничката опременост и вработените останаа скоро на исто ниво. Особено незадоволителна е состојбата во Основните јавни обвинителства Скопје, Гостивар, Куманово, Кочани и Крива Паланка. Незадоволството на јавните обвинители е дотолку поголема, што и по доставеното барање до надлежните институции за зголемување на бројот на јавни обвинители и јавно обвинителските службеници за 30 проценти, досега не е одговорено, се вели во соопштението на Обвинителството.
Оттаму додаваат дека дополнително состојбата со недоволната кадровска екипираност се влошувала со најавениот и можен одлив на јавните обвинители во новото специјално обвинителство, а особено земајќи ги во предвид законските одредби со кои нови јавни обвинители мора да се бираат од редот на завршените кандидати од Академијата за судии и јавни обвинители, што на годишно ниво не е задоволителна бројка.
-Воедно, на состанокот стана збор и за новиот Закон за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите според кои специјалната обвинителка достави финансов план со кои предвидува издвојување на огромни суми за плати и надоместоци, за кус период , што укажува на високи примања на вработените од тоа обвинителство кои се значително поголеми од примањата на постојниот кадар во обвинителствата.
Говорејќи за несразмерните плати и надоместоци, го посочија барањето и потребата за коригирање на примањата на јавните обвинители, , кои постапуваат по тешки предмети, каде задолжително треба да се предвидат и надоместоци за ризик, страв и доверливост адекватни на оние предвидени за специјалното обвинителство. Ова беше поткрепено со соодветни податоци за карактерот на високо ризичните предмети во областа на меѓународниот организиран криминал и тероризам, се вели во соопштението.
Затоа присутните побарале да се достави Барање до Советот на Јавните Обвинители, со кое ќе се инсистира на одговор за начинот на кој е составена предлог листата за избор на јавните обвинители во специјалното обвинителство, дали и каде имало објавено оглас и каде се пријавувале заинтересираните кандидати и дали листата е составено според објективни критериуми и кои се тие.
Ова особено што за јавните обвинители, предлог листата изразува лични афинитети и субјективни согледувања за квалитетот на предложените кандидати, велат обвинителите.
Тие изразиле и незадоволство од донесувањето на Законот за специјалното обвинителство, бидејќи на тој начин се ставало неосновано под сомневање нивното стручно и објективно постапување и во илјадници други предмети, а исто така го оценија новиот Закон како неуставен и повикаа на поднесување Иницијатива за оценување на неговата уставност и законитост пред Уставниот суд на Република Македонија.
-Тргнувајќи од поставените барања и забелешките дадени на заедничката средба, едногласно беа донесени следните заклучоци:
– Да се предложи донесување на Измени и дополнувања на Законот за Јавно обвинителство со кои ќе се овозможи избор на нови јавни обвинители покрај кандидатите од Академијата за обука на судии и јавни обвинители.
– Да се предложат измени и дополнувања на Законот за плати на јавни обвинители во насока на надоместоци за јавните обвинители во смисла на надоместоци за ризик, страв и доверливост.
– Да се предложат измени и дополнувања на законот за јавно обвинителска служба според кои ќе се овозможат соодветни плати и надоместоци.
– Јавните обвинители инсистираат сите предложени Измени да се донесат во итна постапка, се наведува во соопштението.