Од Јавното онвинителство информираат дека денеска четворица јавни обвинители од републичкото обвинителство вршат контрола во Основното јавно обвинителство (ОЈО) во Струга, но и во Вишото во Битола за предметите што се поврзани со градоначалникот на Струга – Рамиз Мерко од ДУИ.
„Четиричлена комисија од јавни обвинители од Јавното обвинителство на РСМ денеска врши надзор на постапувањето во предметите во ОЈО Струга и ВЈО Битола. По целосните проверки на постапувањето, Комисијата ќе изготви извештај“- велат од ЈО.
Мерко пред една недела беше ставен на „црната листа“ на САД поради вмешаност во значителна корупција и, како што објави Стејт департментот, затоа што присвоил средства и се мешал во судски и во други јавни процеси.
Обвинителство ги најавија денешните контроли со кои се утврдува дали имало нестручно постапување од обвинителите.
„Јавното обвинителство на Република Северна Македонија исклучително сериозно ги зема предвид сознанијата на американскиот Стејт департмент за потенцијално влијание од страна на ова лице врз постапките. Од тие причини, обвинителството итно по секој предмет ќе ја испита законитоста и ажурноста во постапувањата и евентуалното вршење влијание во постапувањето по предметите. За сите обвинители за кои ќе се утврди дека постапувале неажурно, нестручно и потпаднале под влијание, ќе се поведе постапка за одговорност, а јавноста ќе биде соодветно информирана“ – рекоа од Јавното обвинителство пред 4 дена.
Оттаму објавија и список со предмети во кои има кривични пријави за Мерко – станува збор за шест активни предмети од кои најголемиот дел се за злоупотреба на службената положба и овластувања.