Обвинетите во предметот „Сопот“, кој беа осудени за тероризам, пред случајот да го земе Специјалното јавно обвинителство, денеска откако СЈО го повлече обвиненеието, рекоа дека 15 години укажувале дека се невини.
-Уште од првиот ден на судењето велевме дека сме невини, но за жал после 15 години тоа се потврди. Никој не веруваше дека не сме сторители на тоа дело. Нас не ни е познато кој е сторител – изјави Зејнел Клаиќи, еден од обвинетите, кој одлежал три години и шест месеци во затвор.
Тоа што СЈО го повлече обвинението, според одбраната, го отстранува секој сомнеж дека обвинетите се сторители на делото. Адвокатите на обвинетите се надеваат дека СЈО ќе ги фати вистинските сторители.
За потсетување, на 4 март 2003, на локалниот пат Сопот-Сушево во местото викано „Божја дупка“ од подметната експлозивна направа загинаа двајца НАТО војници од полскиот контигент, како и Крунислав Кипријановски од Куманово. Од страна на Државното обвинителство беа обвинети 11 локални Албанци, а Основниот суд во Куманово истите ги прогласи за виновни и донесе осудителна пресуда.
Предметот „Сопот“ беше повторно отворен откако премина во рацете на Специјалното јавно обвинителство, по објавените прислушувани разговори меѓу поранешните владините функционери, Гордана Јанкуловска и Сашо Мијалков.