Обвинетите во случајот „Ровер“ се држат во заложништво, а не во притвор, бидејќи вчера истече законскиот рок од две години, до кога и можеше да се држат зад решетки. Ова на денешното судско рочиште го истакна адвокатите на обвинетите, кои во притвор, од покренување на обвинителен акт се точно две години и еден ден, што автоматски и значи нивно пуштање на слобода.
Но, денеска наместо како слободни граѓани, во судот повторно беа донесени со лисици на рацете, двајца од притворските одделенија, еден од домашен притвор и еден од болница. Од друга страна, пак, судот досега правеше напори што побрзо да го заврши процесот, бидејќи доколку донесеше пресуда пред истекот на овој рок, обвинетите и понатаму, законски, ќе се држеа во притвор, односно се до правосилноста на пресудата.
„Во Законот за кривична постапка, во член 207 став 2 точка 2 јасно се наведува дека по истекот на две години во притвор, од денот на покренувањето на обвинението, притворените се пуштаат да се бранат од слобода. Тука нема што да се толкува, Законот е доволно прецизен, истакнаа адвокатите на обвинетите.
Судијата, пак, истакна дека веднаш по завршувањето на рочиштето предметот ќе го достави на Кривичниот совет кој одлучува за притворот.
На ваквата состојба реагираше и обвинетиот Зоран Трајковски.
„По поминати 811 дена во притвор, последните 14 часа, надвор од секој закон, сум лишен од слобода. Мој впечаток е дека сум експериментално глувче, бидејќи ме држат зад решетки иако за тоа не постои никаква законска основа, истакна Трајковски.
На денешното рочиште освен расправата за притворот, беше сослушан и последниот сведок. За да се одржи рочиштето, на обвинителна клупа, со придружба од лекар седеше обвинетиот Ивица Ристиќ, кој беше донесен од болница. Иако Ристиќ тврдеше дека не е способен да го следи судењето, бидејќи е со влошено здравје и му претстои хирушка интервенција, сепак лекарот му контрираше, и истакна дека може да присуствува на судењето. По стручната забелешка, лекарот бараше да се одалечи од пациентот бидејќи стравувал за неговата безбедност.
На судењето судијата не го прифати барањето да се сослуша уште еден сведок, по предлог на адвокатот Димитар Савовски. Поточно уште пред четири месеци судијата го прифати сослушувањето на сведокот, но денеска ја отповика сопствената одлука, бидејќи иако судот направил напори не успеал да го обезбеди сведокот. На ваквата одлука реагираше адвокатот Савовски кој истакна дека сведокот работи во АРМ и многу лесно може да се обезбеди. Тој посочи и пример дека останатите сведоци се викале и по телефон, а за неговиот предлог судот воопшто не се заложил.
„Ваквата состојба ме наведува да помислам дека судот или е неспособен да го оствари законско даденото право, да го обезбеди сведокот, или, пак, нема волја за истото. Со необезбедувањето на сведокот се нарушува правото на одбрана на обвинетите, истакна адвокатот Савовски.
Судијата на денешното рочиште ја затвори доказната постапка, а за 5 ноември ги закажа завршните зборови, по што набрзо ќе следува и пресуда. И ова рочиште, наместо од судница, екс министерот Љубе Бошкоски, го следеше од ходник. Истакна дека не сака да присуствува на циркусот, по што судијата го избрка надвор.
Според првостепената пресуда, која падна на Апелација, Бошкоски беше осуден на 12 години затвор, две години помалку доби Зоран Трајковски, по осум години добија Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ, а по шест Гоце Митревски и Никола Негриевски.
Според пресудата на Кривичниот суд, Бошкоски, како тогашен министер за внатрешни работи, наводно му дал зелено светло на Орце Коруновски за убиството на Тушевски и Јанев. Наводно ветил дека нема нема да поведе истрага за убиството, и ќе им помогне на извршителите да избегаат. Но, овие тврдења паднаа во вода, откако Апелација одлучи дека првостепената пресуда е нејасна, односно дека судот не утврдил умисла кај обвинетите, а ниту пак презентирал доволно докази