Освен лидерот на ДУИ, Али Ахмети, обвинетите во случајот „Диво Насеље“ денеска за сведок го повикаа и претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов. Одбраната не кажа конкретно зошто нивните сведочења се од полза во судењето.
Ангелов, кој во моментот е во Ирак, за „Фокус“ изјави дека може само да претпостави дека ќе го повикаат за сведок поради неговата изјава што ја даде две недели пред да се случи вооружениот напад во Куманово, во кој беа убиени осум полицајци, односно дека власта платила 2 милиони евра за да предизвика меѓуетнички судир, а за тоа да ги обвини него и лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Инаку, на денешното рочиште Јавното обвинителството излезе со нови докази против обвинетите. Обвинителството претстави фотографии и видео-снимки, се гледа како еден од обвинетите Сулејман Османи, два дена по вооружената пресметка во кумановското Диво Насеље, во придружба на полицијата го открива местото каде било скриено оружјето.
На ова реагираше еден од обвинетите Шефкет Калаќи, како и адвокатот Насер Рауфи, кои побараа Османи да биде присутен на рочиштето, за да ја каже својата верзија, во однос на доказите кои ги претстави Обвинителството.
Одбраната и денеска се пожали дека дел од нивните клиенти при транспортот до судот биле малтретирани од претставниците на полициските специјални единици, на што судијката одговори да побараат лекар кој ќе ги констатира повредите доколку постојат.
Следното рочиште е закажано за 6 октомври, кое ќе биде отворено за јавноста. Во случајот „Диво Насеље“, што се случи на 9 и 10 мај минатата година во Куманово, обвинети се 37 лица, од кои 29 се обвинети за кривичното дело тероризам, а другите 8 за давање логистичка помош на групата.