На 12-ти октомври истекуваат точно две години од покренување на обвинителниот акт во процесот „Ровер“ за ликвидацијата на Марјан Тушевски и на Киро Јанев. Тоа е законски одредениот лимит после кој не може обвинетите да останат во притвор. Познато е дека Зоран Трајковски – Филмот на 13-ти октомври ќе ја напушти ќелијата и ќе продолжи да учествува на судењето, но како слободен граѓанин.
Неизвесно е дали Ивица Ристиќ и Сашо Јовановски – Тупан ќе успеат да се натоварат во истиот воз кој од притвор вози кон дома. Имено, двајцата се соочени со опасноста неколку месеци (4 до 5) да не им се пресметаат во двете години притвор. Кога првостепениот суд пресуди затворски казни за Ристиќ и Јовановски по осум години, тие побараа да им се укине притворот и да се пренесат на издржување казна затвор. Така и се случило.
Но по неколку месеци Апелациониот суд ја укина првостепената пресуда и го врати процесот отпочеток. Тоа значеше и ново определување притвор за двајцата. Сега Ристиќ и Јовановки се во притвор, но месеците поминати во затвор нема да им се пресметаат и така е можно на 12-ти да не им истече двегодишниот, законски ограничен притвор.
Љубе Бошкоски пак, екс- министерот, казнет првично со 12 години затвор, не може да излезе затоа што ја издржува затворската казна за досието „Кампања“.
Практично, сега судот има тесен простор. Информации зборуваат дека ќе се обиде во екпресна постапка да го истурка процесот до крај и да донесе нова пресуда. Ако со тааа преуда има затворски казни, ниту еден нема да излезе од притвор. Но, дали судот ќе успее? Во среда, на осми октомври е закажано судење со доказна постапка. Потоа ќе останат само завршните зборови. Но, извесно станува дека судењето ќе мора да се одложи затоа што токму Ристиќ е пренесен во болница. Информации на „Фокус“ потврдуваат дека има проблем со срцето и дека нема толку лесно да помине за да може за само неколку дена да се појави во судница.
Логиката вели дека, ако судењето не заврши до 12-ти, а според здравјето на Ристиќ тоа е тешко остварливо, тогаш барем Трајковски ќе излезе од притвор.
Инаку, новото судење поминува во знак на шоу- инспирациите на Бошкоски. Откако апелација со пресудата заклучи дека мора да се утврди умислата кај помагачите, за каков што се преставува Бошкски во обвинението, а првостепениот суд и понатаму го води процесот, како и претходно, Бошкоски одлучи да го игнорира судот и да бара начини како да не се појавува во судницата.
На стартот од повторениот процес тој на судот му откри дека српските државјани кои се првообвинети како извршители, а се недостапни за органите, не ни можеле да учествуваат во ликвидацијата затоа што еден од нив во тоа време бил на друг континент, а останатите издржувале затворски казни.
Зачудувачки е зошто Јавното обвинителство и судот не се обидат да ги проверат таквите тврдења, уште повеќе кога се знае дека никогаш не отвориле постапка за екстрадиција преку Министерството за правда, туку само се повикуваат на известувања од Интерпол. Дури и српската амбасада во Скопје во допис до адвокатите сугерира дека за евентуална проверка кој од обвинетите каде живее и дали се сите живи, мора да се покрене официјална постапка согласно меѓународните договори, но и билатералниот.