Како е пукано во четирите момчиња кои беа убиени кај Смиљковското Езеро, рафално или поединечно?
Ова прашање на денешното судско рочиште за „Монструм“ до вештаците од МВР го постави обвинетиот Фејзи Азири, кој веќе со часови ги испрашува. Двајцата вештаци рекоа дека не можат да му одговорат на прашањето, по што Азири повторно ја оспори нивната стручност и истакна дека знаат ама не сакаат да одговорат.
На неговата забелешка му возврати обвинителката Фатиме Фетаи, која му рече дека може самиот да објасни како било пукано, или да објаснат тие околу него, алудирајќи на останатите обвинети.
На ваквата забелешка реагираа адвокатите Насер Рауфи и Асмир Алиспагиќ, кои ја обвинија обвинителката дека преудицира вина кај обвинетите.
И покрај тоа што Азири не е задоволен од ниту еден одговор на вештаците, сепак и понатаму им поставува прашања, односно бара детали за тоа како биле убиени жртвите, за положбата на нивните тела, за најдените проектили и сл.
В.В.