Обвинетите во случајот Диво Насеље, откако се предале, биле малтретирани и сексуално вознемирувани, тврди адвокатот на одбраната, Насер Рауфи.
Обвинетиот Бајрам Елшани, на денешното сведочење изјави дека полицијата по апсењето, во полициската станица во Скопје врз него вршела сексуално насилство.
-Во Македонија дојдов за албанските права. Тука дојдов за Охридскиот договор и за мојот народ. Во полициската станица во Скопје двајца припадници на полицијата ме испратија во тоалет, каде што еден од нив се соблече и потоа се срамам да кажам што ми се случи – изјави Елшани.
Тој рече дека неколку пати имал можност да ги нападне полицајците пред 9 мај, но не сторил такво нешто, бидејќи како што рече, не дошол да врши терористички акти. Говорејќи за борбите од 9 мај, тој рече дека се предале поради гаранциите што групата ги добила од Артан Груби дека наводно ги чека ОБСЕ и полицајци Албанци.