Речиси четири часа обвинетиот Влатко Трајковски дава одбрана во Кривичниот суд, како обвинет во случајот за упадот во Собранието, „27 април“. Тој повремено ги засмејува присутните во судница, бидејќи одбраната ја започна од својата женидба, па се до критичната вечер.
Откако влегол во Собранието, велеше дека не извршил насилство. Само како што рече во еден момент со ПП парат прскал кон пратеникот Сашко Коцев, а не го удрил, како што пишувало во обвинението. Како што појасни Трајковски, го бркал пратеникот низ Собранието, бидејќи претходно го навредил и му рекол дека е хулиган.
-На полицаец му дадов шише со вода, ама за возврат му побарав да ми каже каде е канцеларијата на Трајко Вељановски. Тој ми кажа да одам право и ќе ја најдам. Кога се обидов да влезам едно девојче ми рече дека не смеам, по што јас и реков дека сакам да видам на што се трошат моите пари. Кога влегов видов дека канцеларијата навистина е многу убава, рече обвинетиот Трајковски.
Додека тој зборуваше сите во судница се смејаа, неможејќи да се воздржат.
Но обвинетиот и понатаму посветено раскажуваше што се случило во Собранието.
Истакна дека критичната вечер предупредил пратеник од СДСМ, да избега, зошто можат да бидат нападнати.
И бидејќи немаше крај неговата одбрана, останатите обвинети бараа пауза за да можат да јадат. На ова барање Трајковски рече: “ Село гори, а вас до јадење ви дошло“, по што продолжи со одбраната. Тој искоментира и дека веќе една година е во притвор, па затоа ќе зборува колку што е потребно.