Обвинение за убиецот на Мартин Јанушев, испитани биле 40-тина сведоци

by fokus

Скопското обвинителство по повеќе од две години, поднесе обвинение против осомничениот за убиството на младиот Мартин Јанушев коешто се случи на 3 ноември 2017 година во скопската населба Аеродром.

Дваесет и осумгодишниот Филип С. -Кобра, утрината на денот на убиството излегол на викенд од затворот каде издржувал казна затвор од 20 месеци за трговија со дрога. Попладнето стигнал пред зградата каде што живеел Јанушев, откако претходно го повикал „да се пресметаат“.

Иако и Јанушев кај себе го имал пиштолот на татко му, обвинетиот извадил пиштол марка „Црвена застава“ и го застрелал со пет проектили. Јанушев почина на лице место, а обвинетиот една година беше во бегство.

Истрагта беше отворена во октомври 2018 година, а обвинетиот беше приведен на 14 октомври 2019 година.

-Во рамки на сеопфатната истражна постапка, обвинителството обезбеди голем број материјални и вербални докази, релевантни вештачења и анализи, беа испитани и над 40 сведоци. Заедно со обвинението, јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на мерката притвор, бидејќи сеуште постои опасност од бегство на обвинетиот, како и опасност да ги сокрие трагите и да влијае врз сведоците, соопштуваат од Обвинителството.

Поврзани новости