Обвинение за поранешната директорка на Агенција за филм за одобрување пари за филмот „Македонија“

by fokus

Скопското обвинителство поднесе обвинение за кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување против поранешната директорка на Агенцијата за филм, која во периодот од 21.01.2016 до 14.06.2017 година, за правното лице Јадран Филм ДООЕЛ Скопје прибавила значителна имотна корист од 68 милини денари односно еден милион и сто илјади евра.

– Имено, спротивно на член 18 од Законот за филмска дејност, таа незаконито раководела со постапката за избор, исплата на одобрени парични средства и надзор над производството на филмски проект – играна серија од 4 сезони со наслов „Македонија“, соопштија денеска од Јавно обвинителство на Република Северна Македонија.

По објавен конкурс за финансирање проекти од национален интерес, на 21.01.2016 година, се појаснува во соопштението, обвинетата дала предлог за избор на проектот „Македонија“, а ваквиот предлог бил прифатен од Управниот одбор на Агенцијата за филм. На 10.02.2016 година таа склучила договор со правното лице Јадран Филм ДООЕЛ Скопје за финансирање на проектот во износ од 283.000.000 денари без да обезбеди банкарска гаранција во висина од 25 проценти од износот на одобрени средства.

– Притоа, не биле приложени ниту потврда за обезбедени сопствени парични средства на Јадран Филм ДООЕЛ Скопје во износ од 17.988.750 денари, детален буџетски приказ со спецификација на планирани средства за реализација на секоја ставка по цена, количина и број, разработен план за снимање на серијата со наведено времетраење и локација, а не постоел ниту доказ за успешност, односно претходно продуцирани филмови од наведеното правно лице. Договорот бил склучен само врз основа на приложен концепт за серија наместо изготвено сценарио, стои во соопштението.

На 26.10.2016 година обвинетата склучила анекс-договор со кој го намалила бројот на епизоди во првата сезона од 25 на 14. На 27.10.2016 година, без претходно одобрение од Управниот одбор, се подвлекува во соопштението, склучила втор анекс-договор со кој дозволила однапред да се изврши исплатата на одобрени средства за првите две фази од првата сезона на проектот во износ од 68.000.000 денари, иако била обврзана исплатата да ја врши за секоја фаза одделно врз основа на претходно доставен и одобрен извештај за наменски потрошени средства со доказ за извршени исплати.

– На 23.11.2016 година обвинетата наложила исплата на износот, иако знаела дека Јадран Филм ДООЕЛ Скопје не постапил по Договорот, односно воопшто не ја спровел првата фаза од проектот – развој и подготовка, не создал услови за отпочнување на снимањето, не ангажирал директор на фотографија, актери, монтажер, костимограф, сценограф, опрема за снимање и камермани. На 14.06.2017 година, при постоење на истите околности, по претходна одлука на Управниот одбор, обвинетата склучила трет анекс-договор со кој го продолжила времетраењето за производството на првата сезона и со тоа и нанела значителна имотна штета на Агенцијата за филм, соопштија од Јавно обвинителство на Република Северна Македонија .

Истражната постапка во овој предмет најпрво ја водеше Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, но во текот на постапката се утврдило дека станува збор за кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување, па предметот бил доставен на надлежно постапување во Основното јавно обвинителство Скопје. По приемот на предметот, надлежниот јавен обвинител презел и дополнителни истражни дејствија, а по нејзино барање бил извршен и дополнителен распит на осомничената, по што до Основниот кривичен суд Скопје беше поднесен Обвинителен акт.

За обвинетата во сила се претходно определени мерки на претпазливост.

Поврзани новости