Велешкото Јавно обвинителство поднесе обвинителен предлог против директор на средно училиште во овој град, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело несовесно работење во службата.
Обвинетиот се товари за неправилности околу спроведената екскурзија за учениците во трета година од училиштето.
„По завршувањето на постапката за избор на најповолен понудувач за организирање на наведената екскурзија на ден 07.04.2016 година, откако истиот ден одлука за избор донесол и училишниот одбор на училиштето, тој на 08.04.2016 година склучил Договор за организирање на ученичката екскурзија со избраниот најповолен понудувач по што се упатени известувања до сите понудувачи за извршениот избор. Но, спротивно на одредбите од Правилникот за начинот на организирање на ученичките екскурзии во средните училишта, иако штотуку започнал да тече рокот за жалба на неизбраните понудувачи, само два дена подоцна, односно на 10.04.2016 година овозможил реализација на екскурзијата“, се вели во соопштението од ЈО.
За обвинителството е спорно и тоа што за автобусите со кои заминале учениците не бил доставен записник за извршен вонреден технички преглед не постар од еден месец, а со автобусите управувале возачи кои поседувале лекарски уверенија за психофизичка способност за управување на истите со датум постар од дозволените шест месеци.