Обвинение против новинар на „Инфомакс“ за објавување на записникот од „Рекет“

by fokus

Обвинителен предлог е поднесен против новинарот од „Инфомакс“ кој на 23 август го објави записникот од случајот „Рекет“. Новинарот ќе одговара за кривично дело „оддавање на службена тајна“ од Кривичниот законик.

„Обвинетиот на 23 август, преку интернет порталот www.infomax.mk на јавноста им ги сторил достапни податоците што претставуваат службена тајна. Имено, тој ја објавил првата страница од записник за примање кривична пријава од едно лице заведен во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Обвинителството го поднесе обвинението до Основниот кривичен суд Скопје откако по објавата на записникот на споменатиот интернет портал беа направени потребните проверки и беа обезбедени материјалните докази за наведеното кривично дело, согласно Законот за кривична постапка“, велат од Обвинителството.

Во поглед на околностите, додаваат од таму, на кој начин овој записник е излезен од списите на предметот и како е предаден на обвинетиот новинар за да биде објавен, обвинителството ќе поведе кривична постапка доколку утврди кое лице го предало и за тоа обезбеди докази.

Поврзани новости