Притисоците врз вработените во јавниот сектор, злоупотребата на државните ресурси и медиумите кои ја фаворизираа владејачката коалиција, негативно влијаеше врз изборниот процес во Србија, изјави шефот на Набљудувачката мисија на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР), Ламберто Заниер на 3 јуни.
По пребројувањето на повеќе од 92 отсто од гласовите, десничарската популистичка СНС поддржана од српскиот претседател Александар Вучиќ собра 52,85 отсто од гласовите, објави на 3 јуни белградската Градска изборна комисија (ГИК). Со тоа СНС освои 64 мандати во 110-членото општинско собрание на српскиот главен град.
Опонентот на владејачката СНС, централно-десничарската партија Премести-Промени предводена од Саво Манојловиќ, со освоени 17,61 отсто од гласовите, ќе добие 21 мандат, соопшти ГИК.
Презентирајќи ги прелиминарните заклучоци на Набљудувачката мисија на ОДИХР за локалните избори во Србија, Заниер на прес-конференцијата рече дека изборниот ден „генерално поминал без проблеми“, но дека набљудувачите на ОДИХР негативно го оцениле гласањето во седум отсто од набљудуваните избирачки места.
„Набљудувачите истакнаа и неколку примери на сериозни нерегуларности, вклучително и случаи на купување гласови и притисок врз гласачите, како и процедурални недостатоци како што се групно гласање и гласање со полномошник“, изјави Заниер.
Заниер додаде дека негативно влијание имале бројните процедурални проблеми, наводите за притисоци и купување гласови, како и изолирани случаи на насилство. Тој изјави дека се почитува основната слобода на изразување и собирање и дека на гласачите им се нудат различни политички алтернативи. Но, сепак, посочи дека доминацијата на владејачката партија и расцепканоста на опозицијата „ја намалија конкурентноста на изборите“, пренесе новинаската агенција Бета.
„Употребата на различни имиња и броеви за списоците на опозицијата и неколку списоци со имиња кои звучат слично, кои наводно биле објавени за да ги збунат гласачите, влијаеше на способноста на гласачите да донесат целосно информирана одлука за кого да гласаат“, додаде Заниер.
Тој додаде дека многу соговорници на набљудувачите на ОДИХР изразиле недоверба во точноста на Единствениот избирачки список, поради обвинувањата дека во него има починати лица и дека содржи гласачите кои биле префрлени да гласаат пред претходните избори.