Позитивна е оценката за вчерашните парламентарни и претседателски избори од страна на набљудувачката мисија составена од претставници на ОБСЕ/ОДИХР и Советот на Европа изнесени денеска на прес-конференција.
Изборите беа конкурентни и основните слободи беа почитувани иако процесот останува недоволно регулиран, а изборното законодавство обезбедува соодветна рамка за одржување демократски избори, но празнините и двосмисленостите ја загрозуваат правната сигурност поради што е потребна нивна ревизија, покажуваат заклучоци на меѓународната набљудувачка мисија.
Џилијан Ситрк која ја предводеше набљудувачката мисија за изборите на ОДИХР, рече дека денот на изборите беше генерално мирен и дека процедурите за гласање во голема мера се почитуваа, но биле забележани и случаи во кои избирачките одбори не ги почитувале во целост процедурите во текот на пребројувањето на гласовите.
„За жал, Изборниот законик неодамна беше изменет во недоволно транспарентна забрзана постапка и без консултации со јавноста што не е во согласност со меѓународните стандарди и заложбите на ОБСЕ. Иако во измените беа вклучени некои од претходните препораки на ОДИХР, и технички предлози на ДИК, тие во голема мера не ги зедоа во предвид препораките на меѓуагенциската работна група задолжена за изборните реформи. Голем број на клучни препораки на ОДИХР и на Венецијанската комисија при Советот на Европа, останаа нерешени вклучувајќи ги и оние за системско ревидирање на Изборниот законик, за обезбедување еднаков пристап до медиумите во изборните кампањи и за зголемување на отчетноста и интегритетот на финансирањето на кампањата, истакна шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, Џилјиан Стирк.