Повик за формирање Специјална изборна оценска комисија за изборите во Северна Македонија објави денеска ОБСЕ-ОДИХР , при што бара од оние што ќе се пријават да бидат достапни веќе од 19 јуни.
Во објавата на официјалната интернет-страница на ОБСЕ-ОДИХР пишува дека повикот доаѓа по поканата за набљудување на предвремените парламентарни избори на 5 јули 2020 година.
Навремено распоредување набљудувачка мисија е еден од условите што ги наведува опозициската ВМРО-ДПМНЕ за учество на изборите.
Денешниот повик на ОБСЕ-ОДИХР значи и дека ќе нема продолжување на претходната мисија која беше отворена откако изборите беа распишани за 12 април, туку дека ќе се формира нова мисија. Во повикот се бараат кандидати за 7 позиции: шеф на мисијата, заменик-шеф, политички аналитичар, изборен аналитичар, аналитичар за регистрација на гласачите, правен аналитичар и аналитичар за медиуми.
Од повикот не е јасно дали мисијата ќе подразбира и распоредување краткорочни набљудувачи на самиот ден на гласањето.