Народ што ни се води, ни се тера

by Fokus

Кога го слушнав д-р Караџовски како резигнирано изјавува дека нашиот народ ни се терал, ни се водел, интуитивно се сетив на дилемата за двосмисленото значење на изреката, така што, ако јас бев меѓу новинарите што известувале од пресот, сигурно би го прашал докторот за какво терање на нашиот народ мислел.

Пишува Д-р Ненад Живановски

Зборувајќи за новиот бран на ковид-19 во нашата земја, д-р Караџовски на прес-конференција ја употребил, за мене, една од најзагадочните народни изреки: „Ни се тера, ни се води“.

Оваа изрека, со години ги окупира моите ментални и интелектуални капацитети, во обид да го одгатнам нејзиното вистинското значење и правилна употреба. Моите умствени напрегања се предизвикани од бисемантичноста на изреката, односно од нејзиното двојно значење, т.е. од присуството на главно и скриено значење.

Кое е главното значење на изреката „Ни се тера, ни се води“? Тоа е производ на употребата на двата глагола, кои се синоними еден на друг: тера и води. Нивната најчеста употреба се користи во објаснување на некое или нечие движење, на кое во изреката му претходи негацијата „ни -ни“, што имплицира дека субјектот е неодлучен дали ќе се движи или ќе остане во статична положба. Оттука, сосема е небитно дали таа негова неодлучност ќе ја изразите со терање или со водење, кога негацијата „ни“ води до единствен можен резултат на мирување или стоење. Ова е објаснување кога двата глаголи се со синонимно значење.

Меѓутоа, овие два глагола – тера и води, можат да имаат и две различни значења, од што произлегува и скриеното или алтернативното значење на изреката. Глаголот тера, освен за движење има и значење за парење на животни, најчесто на говеда: волови, бикови, крави, биволи, биволици. Етимологијата на ова алтернативно значење е сврзано со народниот јазик. Најверојатно настанало како последица на одлуката што морал да ја донесе стопанот или говедарот, кога ги носел говедата на пасење.

Често во тоа движење на стадото, бикот знаел да ѝ наскокне на кравата, како би го задоволил својот нагон за парење. Кравата можела да биде мирна, да застане и терањето да било успешно завршено. Меѓутоа, можело да се случи и кравата да биде нерешителна, немирна, да мрда, па бикот да не можел успешно да ја погоди целта.

Говедарот, трпеливо ќе чекал да се заврши терањето, и кога ќе видел дека ништо не бива од таа работа, со стап ќе ги придвижел говедата. Кравата ќе изодела неколку метри и пак ќе застанела да ѝ наскокне бикот. Нервозниот говедар, во оваа ситуација знаел да ѝ се издере на кравата дека ни се терала (парела), ни се водела (одела). Секако, проследено и со некоја сочна пцовка.

Ова објаснување е во доменот на етнолингвистиката, иако во современиот колоквијален новоговор, глаголот терање се користи и како вулгаризам и навреда кај луѓето (терај се курво или терај се педеру!).

Кога го слушнав д-р Караџовски како резигнирано изјавува дека нашиот народ ни се терал, ни се водел, интуитивно се сетив на дилемата за двосмисленото значење на изреката, така што, ако јас бев меѓу новинарите што известувале од пресот, сигурно би го прашал докторот за какво терање на нашиот народ мислел.

 

Поврзани новости