Меѓународниот набљудувачки тим испратен од ОБСЕ/ОДИХР за следење на предвремените парламентарни избори во Северна Македонија денеска на прес-конференција ќе ја соопшти прелиминарната оценка за изборите што се одржаа вчера во земјава.
На прес – конференцијата за првичните наоди и заклучоци во врска со изборниот процес ќе говорат Лаима Андрикиене, шеф на ОДИХР специјалната мисија за проценка на изборите и Дариа Паприцка, заменик шеф на ОДИХР специјалната мисија.
Мисијата ги следеше сите аспекти на изборниот процес. Основниот тим на ОДИХР го сочинуваа девет члена од девет земји-учеснички во ОБСЕ, а на денот на изборите имаа акредитирано 26 набљудувачи, во кои спаѓаат меѓународните експерти и националниот персонал за поддршка.
Конечен извештај со заклучоци и потенцијални препораки, како што најави во предизборното интервју за МИА, шефицата на Мисијата, Андрикиене, ќе биде објавен околу осум недели по денот на изборите.