Обиколка на Скопје: Како помина првиот полициски час?

by Фокус

Мирно и тивко – вака накусо може да се опише првиот полициски час во историјата на државата, кој започна синоќа од 21 часот и траеше до 6 часот наутро, откако владата го воведе како една од мерките во борбата против ширењето на смртоносниот корона вирус

Фокус направи обиколка низ главните скопски сообраќајници и низ строгиот центар на градот, каде, покрај доминантното присуство на полицијата, можеше да се сретне и по некое амбулантно возило, како и неколку залутани граѓани, кои, свесно или несвесно, ја прекршија забраната за движење на јавен простор.

Имено, полициски контроли, составени главно од униформирани полициски службеници, но делумно и од службени лица во цивилна облека, беа поставени на речиси сите клучни пунктови низ градот.

Поточно, вакви контроли забележавме на почетокот на булеварот Александар Македонски кон Автокоманда и пред Општина Гази Баба, потоа на средина на Партизанска и кај двата кружни тека кај Влае, кај Железничката станица при влзот во Аеродром, пред мостот Близнаци во Ново Лисиче итн.

Исто така, активни беа и голем број на полициски возила што патролираа низ градот, кои не пресретнаа и легитимираа кај Судска Палата, во Ѓорче Петров, Чаир и други места.

Како што претходно соопштија властите, забраната за движење се однесува за сите освен за припадниците на безбедносните сили, за службите за комунална хигиена, за здравствените работници и други категории.

Подоцна, во овие исклучоци беа вметнати и медиумските работници, кои имаа обврска да се пријават до Министерството за информатичко општество и администрација, од каде потоа требаше да ги проследат податоците до Министерството за внатрешни работи.

Меѓутоа, речиси половина од полициските службеници што не сопреа не беа запознаени дека новинарите имаат право на слободно движење и за време на полицискиот час, па некои од нив дури беа и крајно дрски и безобразни.

Па што ако си новинар – говореше еден од нив, откако му беше предочено дека новинарите имаат право да се движат за службени потреби, во што, меѓу другото, влегува и известување на терен како се спроведува полицискиот час.

Сепак, поголемиот дел од нив беа коректни и љубезни, истакнувајќи дека и тие за прв пат се соочуваат со ваква ситуација, поради што можно е да направат некои ненамерни пропусти.

Имаме обврска да ги стопираме буквално сите возила после 21 часот – објасни еден полициски старешина, кој при една од контролите отпосле пристигна со возило без полициски ознаки.

КОЈ НА ГОСТИ, КОЈ ВО БОЛНИЦА

Набргу после 21 часот, по скопските улици забележавме неколку помлади лица, кои се движеа по пешачките патеки покрај булеварите. Дел од нив, пак, чекаа на автобуските постројки.

Некои од нив со кои разговаравме објаснуваа дека свесни се дека започнал полициски час, меѓутоа, како што велат, се потрудиле најбрзо што можат да завршат со работните обврски и да тргнат кон дома.

Во тој период, неколку автобуси се уште сообраќаа согласно предвидените маршути, меѓутоа после тоа можеа да се видат само исклучени автобуси, кои не превезуваа патници туку само се упатуваа кон гаража.

Истовремено, во споредните улички се забележуваа и возила, управувани од лица кои се превезуваа за приватни цели.

Се враќам од гости, бев кај едни комшии, па се надевам дека нема да се сопрат зашто возам две минути во маало – рече еден жител на скопската населба Влае, кој преку Партизанска се упати од едната на другата страна на населбата.

Подолу на булеварот, бодеше очи возило со тетовски регистарски таблици на тројца жители на скопската населба Ѓорче Петров, кои имаа итна потреба од медицинска нега.

Помалиот син ги изгоре нозете со врела вода. Стигнавме до Воена болница, но таму ни рекоа дека не третираат изгореници и не препратија на Градска болница. Но, возилото ни изгаси! – рече таткото на детето.

Тој упорно се обидуваше да повика такси-возило, меѓутоа дел од такси компаниите не одговараа на повиците, додека некои диспечерите беа достапни, меѓутоа објаснуваа дека не можат да пратат возило, од причина што не ми било јасно дали и како треба да работат за врме на полицискиот час?

Арно ама, за кратко време случајно се појави такси, чиј возач, опремен со маска и ракавици, одлучи да ги префрли таткото и повредениот син до Градска болница, иако веќе завршил со работа тргнал накај дома.

Постариот брат на повреденото момче остана сам кај возилото, каде се појави припадник на МВР, кој токму оттука минувуше на патот кон дома после работното дежурство во базата во Ѓорче Петров.

Со кабли што случајно ги носел во неговото приватно возило, тој успеа да ја запали колата во дефект, по што третиот член од несреќното семејство се упати кон центарот на градот, каде веројатно веќе беа пристигнати неговиот татко и брат.

ПРАЗНИ УЛИЦИ, БЕНЗИСКИ, ПЛОШТАДИ

Во строгиот центар на Скопје, пак, владееше целосна тишина. По долждливата улица на Рекорд немаше ниту луѓе, ниту возила, ниту полиција. И покрај тоа, семафорите имаа нормален режим на работа, исто како и во пиковите во текот на денот кога има најголема раздвиженост.

Слична слика затекнавме и на скопскиот плоштад. Само еден човек се движеше во правец од ГТЦ кон Тренд. Притоа, тој на моменти застануваше и го фокусираше погледот на големиот екран поставен на објектот на старата стоковна куќа Типо, на кој се емитуваа реклами.

Јас сум тука кај и секој ден, за мене нема разлика дали има или нема полициски час – кусо прокоментира тој.

Покрај него и уште еден човек, кој се криеше од дождот под стреа во близина на влезната врата на Сити Галери, немаше буквално никој друг во периодот непсоредно пред полноќ. Само десетина кучиња-скинтици правеа одредена врева.

Исто беше и на улица Македонија, каде извесен период беше паркирано возило со назнаки од приватна агенција за обезбедување. По извесно време, возилото се упати кон Црвениот крст.

Како што е познато, веќе одамна на сила е мерка која им забранува да работат на рестораните, кафулињата, обложувалниците, казината… За разлика од нив, може да работат продавниците за храна и киосците, но под рестриктивен режим, поради што синоќа беа затворени објекти од ваков тим кои обично работат 24 часа во денот.

За време на полицискиот час, редуциран персоналан беше на работните места во поголемите хотели и бензиските станици, но освен нив не можеше да се забележи никој друг.

Празните улици сведочат дека огромно мнозинство од граѓаните го почитуваа полицискиот час, не само поради инстиктивната потреба за да го сочуваат здравјето, туку и поради фактот што во спротивно се соочуваат со сериозни санкции.

Во текот на вчерашниот ден, полицијата одлучиле да делува повеќе педагошки отколку репресивно, со оглед дека изрекла 74 опомени, а приврени биле 18 лица, кои, патем речено, носеле и оружје.

Инаку, секој што ќе ја прекрши забраната ризикува да добие висока парична казна, па дури и затворска казна до една година, бидејќи на тој начин се смета дека придонесува во насока на ширење на зараза.

Имајќи го тоа во предвид, се очекува почитувањето на полицискиот час се повеќе да се зголемува, исто како и другите мерки и препораки поврзани со корона вирусот. Во спротивно, се закануваат уште поостри мерки, вклучително и полициски час кој ќе почнува многу порано од 21 часот.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости