Обезбедени снимки од безбедносните камери кај модуларната болница во Прилеп

by fokus

Нема никакви проблеми со функционирањето на модуларната болница по Прилеп по инцидентот со оштетувањето на таблата за напојување со електрична енергија кој го истражува полицијата, информираат кусо од болницата за МИА.

Инаку, синоќа болницата ја информирала полицијата, која направила увид, дека обезбедувањето забележало физичко оштетување, со хебла на таблата која е веднаш до модуларната болница и ја напојува со електрична енергија. Полицијата го истражува случајот, а земени се и снимките од безбедносните камери.

Според директорката на Општа болница со проширена надлежност од Прилеп, Кети Смилеска, нема проблеми во функционирањето на модуларната болница каде се хоспитализирани 17 ковид-пациенти.

-Во модуларната нема никаков прекин на струја, ниту е нарушено функционирањето. Од 17 хоспитализирани пациенти, 14 се на кислородна поддршка, а двајца пациенти се во тешка здравствена состојба, информира Смилеска.

По големата трагедија во тетовската модуларна болница, во прилепската имало вонредни инспекциски контроли и надзор на исправноста на противпожарните апарати, уредите и на електричната инсталација и не е најден никаков пропуст.

Поврзани новости