За оваа грејна сезона Владата за топлинската енергија има обезбедено 1 милијарда и 900 милиони денари или 30,8 милиони евра. Овие средства се доволни до крајот на 2022 и за јануари 2023. Потоа ќе се направат пресметки за следните четири месеци – од јануари до крајот на април. И тогаш ќе имаме пресметки колку дополнително средства ќе треба до крајот на грејната сезона, рече денеска Васко Ковачевски, директор на АД ЕСМ.
Покрај преземањето со закуп на топланите Исток и Запад, ЕСМ дополнително е задолжено и го презеде управувањето на АД Скопје Север за да се обезбедат финансиски средства и природен гас за неа и да нема прекин во испорака на топлинска енергија за околу 500 семејства и 13 институции во тој дел на Скопје.
-Ние го преземаме само управувањето, што значи дека договорите, сметките и цените ќе останат исти, нема да има промени ниту во плус ниту во минус. Граѓаните и натаму ќе добиваат топлинска енергија по субвенционирана цена затоа што разликата кај топлинската енергија е значително повисока од разликата кај електричната енергија. Тука Владата со своите механизми обезбедува доволно финансиски средства да се покријат овие загуби и граѓаните и натаму да имаат топлинска енергија по цена која е дадена од РКЕ. Субвенционирањето односно покривањето на разликата од цената која ја има РКЕ до реалната цена на природниот гас Владата ја обезбедува и ја префрлува на наменската сметка на АД ЕСМ, рече Ковачевски.