Ќе бидеме посветени да не се зголеми цената на струјата за домаќинствата, вели Бектеши

by Fokus

Граѓаните да бидат спокојни зашто електрична и топлинска енергија ќе има до крајот на грејната сезона, без застои и без оптоварување на нивниот буџет. Не треба да веруваат во секакви непроверени информации и во паниката од опозицијата зашто тоа може да биде на штета на домаќинствата кои, слушајќи ги, може да прават дополнителни трошоци за алтернативно загревање, порача министерот за економија Крешник Бектеши.

Со оглед на зголемувањето на ДДВ, конечна одлука нема за цената на струјата за домаќинства, неа ќе ја донесе Регулаторната комисија за енергетика, посочи Бектеши. На состанок на Енергетскиот совет денеска ќе ги разгледаат сите опции за да нема зголемување на цената од 1 јануари имајќи го предвид, како што рече, влијанието што би можело да го има Владата со одредување на цената на ЕСМ која ја нуди за универзалниот снабдувач.

-Ние ќе бидеме посветени за да нема зголемување на цената на електрична енергија посебно за домаќинствата во првите шест месеци од наредната година, рече Бектеши на прес-конференција. Промена на блоковите во домаќинствата најверојатно ќе нема, се разгледува можноста да се воведат блокови и за малите потрошувачи – микро и мали компании кои согласно законот можат  да користат струја од регулиран пазар.

Поврзани новости