Обезбедени се пари во буџетот за набавка на вакцини и лекови против КОВИД-19, соопштија во вечерашната дебата на МТВ премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими, кои рекоа дека за вакцини против КОВИД-19 се планирани 6,7 милиони евра, а за лекот Ремдесивир 67,5 милиони денари.
-Од кредитот со Светска банка 90 милиони предвидено е и за вакцина, а на годишните средби исто така кажаа дека дополнително ќе и дадат на државата само за вакцина. Значи, има обезбедени средства и доколку се покаже потреба за повеќе, засега има доволно средства предвидено за вакцини – рече Бесими.
Премиерот Зоран Заев кажа дека нашата проекција е 800 илјади вакцини, посочувајќи и цени од некои производители – 10,47 евра за вакцина.
-Ако има потреба за повеќе, ќе обезбедиме дополнително плус пари – рече Заев, додавајќи дека владата на Грција нарачала вакцини и за Северна Македонија и за Албанија.