672
Владата на денешната седница донесе измени и дополнувања на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2020 година и донесе Уредба за изменување и дополнување на уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2020 година, информираа од владата.
Со дополнувањата на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2020 година и со Уредбата за изменување и дополнување на уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2020 година се определи нова подмерка за предадено винско грозје во регистрирани капацитети и се врши зголемување на висината на финансиската поддршка за подмерката за ориз без сертифициран семенски материјал.
Со новата подмерка за предадено винско грозје во регистрирани капацитети се врши дополнување на подмерката која беше претходно прифатена, за 2 денари по килограм винско гројзе со цел за да може и малите земјоделски стопанства кои се корисници на подмерката да аплицираат и да бидат опфатени, и како останатите лозари, со финансиската поддршка од 2 денари по килограм.
Дополнително, поради неможноста сите земјоделски стопанства да обезбедат сертифициран семенски материјал направена е измена со која ќе можат да аплицираат и земјоделските стопанства без сертифициран семенски материјал, со што на производителите на ориз им се зголемува висината на поддршка поради финансиските штети кои ги имаат добиено од КОВИД пандемијата.
На оваа своја седница Владата донесе Одлуката за дополнување на Одлуката за отворање на посебна наменска сметка за лицата кои не ги ажурирале податоците до законски предвидениот рок и кои заради тоа не се најдоа на листата за финансиска поддршка на граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници.
Владата денеска го утврди текстот на Предлогот на Закон за дополнување на Законот за јавните набавки со кој се предвидуваат решенија договорните органи да можат да исплатат и повисок износ од 20 отсто и да немаат обврска да обезбедат банкарска гаранција за исплатениот аванс во постапките кои се директно поврзани со мерките за справување со пандемии или епидемии на заразни болести, во зависност од воспоставените пазарни односи од страна на производителите на потребните средства кои се предмет на набавка.
На оваа седницата Владата донесе измени на Одлуката за одобрување на средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2019 година за субвенционирање на граѓаните на Општина Тетово за набавка и монтажа на инвертер клима уреди со што даде согласност средствата што останале од оваа мерка да бидат искористени за истата намена со што бројот од 1.500 домаќинства што ги заменија печките на фосилни загадувачки горива ќе се зголеми.
Министрите во Владата на денешната седница донесоа одлука за давање согласност за започнување на постапка за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за проектирање, изградба, финансирање, стопанисување и пренос на две фотонапонски електроцентрали на местото на некогашната ТЕЦ Осломеј. Според физибилити студија за две фотоволтаични електроцентрали со инсталирана моќност од минимум 40 MW секоја, инвестицијата на Електрани на Северна Македонија како свој дел во ЈПП, ќе се врати за една до две години.
На предлог на Министерството за финансии, на денешната седница е утврден текстот на предлог законот за системот на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор. Целта на предлог законот е дефинирање рамка на современ, соодветен и ефективен систем на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор, кој ги вклучува финансиското управување и контрола, внатрешната ревизија и централната координација и хармонизација, како и зајакнување на внатрешната финансиска контрола преку создавање нов систем на раководна отчетност.
Предлог законот ќе го применуваат сите субјекти од јавниот сектор, вклучувајќи ги и сите правни лица кои директно или индиректно се основани од државата или општините и јавните претпријатија и трговските друштва кои се во мнозинска сопственост на централната власт односно Градот Скопје или една или повеќе единици на локалната самоуправа.
На денешната седница Владата донесе одлука за итна финансиска помош во висина од 6.000.000 денари за ублажување на штетите од земјотресот што денеска ја погоди Република Хрватска.