Почитувани пријатели,
Ми претставува голема чест да ви се обратам и да ве повикам што помасовно да се вклучиме во прославата на овој важен историски датум за нас и за нашата држава.
11-ти октомври не треба да биде само уште еден неработен ден.
11ти октомври е востание кое што ја преставува нашата постојана борба, ја преставува нашата искра на непокор и на отпор. Тоа е еден од најважните денови во македонската историја, ден кога македонскиот народ одлучно застанал на страна на на слободата, на правдата, на правото сам да ослучува за својата судбина. Храброста и пожртвуваноста на тие луѓе, нам ни донесе можност да растеме и да живееме во сопствена држава, но и можност да бидеме горди дека нашите предци биле на вистинската страна.
Тоа беше најважната битка и најважната победа на една генерација, но не смееме да се залажуваме дека слободата и правото на добар живот се освојуваат еднаш и траат засекогаш. Секоја генерација има своја сопствена битка и е должна да даде сѐ од себе за следните генерации да живеат во подобро и поправедно општество.
Затоа сакам да им се обратам на моите пријатели, на мојата генерација, но и на сите останати. Драги пријатели, време е и ние да ја поведеме нашата битка, и да ја преземеме нашата одговорност. Да застанаме сплотено и да ја искористиме една од можеби последните шанси да им оставиме подобра држава на генерациите после нас.
Се надевам дека веќе во вторник, на 11-ти октомври ќе покажеме дека сме подготвени да се обединиме за повисока цел, можеби и за највисоката – правото на подобар живот. Дека нема да дозволиме да не памтат како генерацијата која се отселила во потрага во подобриот живот, туку како генрацијата која подобриот живот го бараше во Македонија и се бореше за него одлучно и сплотено. Таа борба нема да биде лесна и само со меѓусебна поддршка, со сплотеност и солидарност ќе успееме да ја извојуваме, во името на идните генерации. Таа борба нема да биде ниту кратка, затоа е многу важно уште од првиот чекор да тргнеме заедно, застанати еден до друг. Затоа, се гледаме утре!