Обдукцијата ќе ја открие причината за смртта на 50-годишниот маж од Тимјаник

by fokus

Во предвечерните часови во саботата на местото Селиште – Копришница, во атарот на Демир Капија бил пронајден мртов 50-годишниот Ј.Д. од неготинското село Тимјаник.
Настанот бил пријавен во Полициската станица во Демир Капија, а увид извршила увидната екипа од Полициската станица Неготино, по што по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било предадено на обдукција.

Од СВР Велес го потврдија настанот кој што го вознемири локалното население. Исто така, потврдија и дека на телото на Ј.Д. биле забележани траги на насилство.
-Телото е предадено на обдукција и по добиените резултати ќе ги имаме сите информации. Човекот бил исчезнат од петокот, а бил пронајден по околу 20 часа, значи се трагало по него од страна на негови пријатели, ловџии – ни изјави Верољуб Додевски, портпарол на СВР Велес.

Околу шпекулациите кои се актуелни во неготинско, дека Ј.Д. бил пронајден во викендичка, од СВР Велес велат дека се работи за дезинформации, и како телото било пронајдено на отворено.

-Приказните дека некој оди по викендички и убива се сосема неточни, и нема потреба да се создава паника помеѓу населението, се работи на расчистување на случајот, а јавноста ќе биде информирана по добивањето на резултатите од обдукцијата – информираше тој.

Поврзани новости