Донација од уметнички слики со месеци се чува во депо во Скопје, бидејќи Грција не знае што со неа

by fokus 13:50
13:50

По катастрофалните пожари кои ја зафатија Грција минатата година, во кои настрадаа повеќе од 100 лица, графичкиот дизајнер Зоран Кардула организираше хуманитарна изложба насловена како „Донирај уметност“.

Во знак на солидарност, беа донирани 73 уметнички дела од исто толку уметници, кои требаше да се предадат во Атина во знак на сочуство и солидарност од Скопје. Но сепак, делата се уште не се предадени во Грција.

- Advertisements -

„На 3ти септември делата беа изложени во КИЦ. На 10 септември град Скопје ги подигна делата од Музеј и ми го побараа списокот на сите дела и имињата на уметниците кои донираа за спремање на документацијата за Грција. Од тогаш до ден денешен делата не се предадени. Неколкупати се обидов да добијам информација за текот на настаните, но одговор не добив. Вчера еден од уметниците кој учествуваше со свое дело во акцијата ме информира дека едно дело кое беше донирано го видела во депото на Музеј на Град Скопје. Крајно разочарувачки однос кон самата инцијатива и кон сите уметници“, вели Кардула и најави дека уметниците ќе си ги подигнат делата.

Од друга страна, од Град Скопје велат дека стапиле во контакт со властите од Атина, но оттаму добиле одговор дека се уште се обидувале да изнајдат решение за тоа каде ќе се складираат делата.

„По катастрофалните пожари кои ја зафатија Атина минатата година, беше организирана донаторски настан „Донирај уметност“ на која беа собрани повеќе од 70 уметнички дела. Како дел од договореното со организаторите, Градот Скопје ја превзеде обврската да воспостави комуникација со Градот Атина и нивните културни институции и да обезбеди трансфер на уметничките дела. Градот Скопје воспостави официјална комуникација со Градот Атина во однос на донацијата, каде неколкупати им се обративме за превземање на истата. Од нивна страна добивме позитивен одговор, но дека претходно треба да изнајдат решение за тоа каде да ја складираат истата. По ова направени се уште неколку обиди за комуникација, но до овој момент сеуште немаме повратен одговор од нивна страна. Се додека немаме официјален повратен одговор од страна на Градот Атина, не можеме да кажеме со сигурност кога донацијата би била испратена до нив. Уметничките дела се складирани на безбедно место и доколку некој од уметниците кои ги донираа делата сакаат да ги повлечат истите, секако дека можат тоа да го сторат“, ни одговорија од Град Скопје.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости