Вашиот нареден мандат дава можност за зајакнување на напорите на Македонија во делот на спроведувањето на реформите кои се неопходни за евро-атлантските интеграции, вели претседателот на САД Барам Обама во неговата честитка до новоизбраниот шеф на македонската држава Ѓорге Иванов.
Честитки пристигна и од Генералниот секретар на ООН, Бан Ки Мун.
„Охрабрен сум од визијата за Вашата земја која ја изнесовте во Вашето инаугуративно обраќање како земја која се темели на демократијата, владеењето на правото, човековите права и граѓанските слободи, социјалната правда и солидарноста, како и на почитувањето на различностите и соживотот. Исто така, охрабрен сум од Вашата постојана заложба за добрососедски односи и градење на мостови на пријателство и соработка во регионот. Тие се суштински елементи за создавање на просперитетна и стабилна иднина на Вашата држава и на Вашиот народ на патот кон Европската унија”, се вели во дописот од Ки Мун.
Дописи со слична содржина Иванов добил и претседателите на Кина, Италија, Австрија, Албанија, Швајцарија, Грција и на Белорусија, како и од кралевите на Шпанија, Јапонија и на Мароко.
Честитка има и од претседателот на Европскиот совет, Херман Ван Ромпуј.
„Ви го честитам Вашиот повторен избор за претседател на 27 април и Вашата инаугурација во Скопје на 12 мај. Ви посакувам успешен втор мандат и да постигнете реален и суштински напредок за Вашата земја и за сите нејзини граѓани”, се вели во писмото од Ван Ромпуј.
Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко уверил дека заедничката соработка меѓу Република Македонија и Белорусија ќе продолжи да се развива во сите области.