Ново рочиште за „Тврдина-Таргет“, судот одлучува за одвоена постапка за Грујевски и Бошкоски

by fokus

Во Кривичниот суд денеска ќе се одржи ново рочиште за случајот „Тврдина-Таргет“ на Специјалното јавно обвинителство.

Претходното рочиште беше одложено поради незавршената екстрадициска постапка што се води пред Врховниот суд во Грција за двајцата обвинети Горан Грујевски и Никола Бошковски.

Судот денеска ќе треба да се произнесе по барањето за одвојување на постапката за Грујевски и Бошковски.

Во „Тврдина-Таргет“ обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски.

Истрагата за предметот „Тврдина“ беше отворена на 29 март 2016 година, а за предметот „Таргет“ на 17 ноември 2016 година, а поради нивната поврзаност се споени во еден предмет. Обвинението е подигнато на 30 јуни 2017 година.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

Поврзани новости