Ново раководство на ЛК: Ќе бараме укинување на плаќањето по успешност и да се намали одливот на лекари во странство

by Fokus

Ќе бараме укинување на плаќањето по успешност, против кое пред пет години, во 2012 година штрајкуваа околу 1.200 лекари специјалисти, ќе бараме равидирање на „Мој термин“ и еден специјалистички преглед да трае 45 минути, со оглед на тоа што сега е само 15 минути истакнаа од новото раководство на Лекарската комора, предводено од доктор Калина Старделова-Гривчева.

– Да го подобриме статусот на докторите во општеството, со тоа што мора да постои Закон за докторска дејност, а на тој начин ќе го спречиме одливот на лекари од државата. Исто така ќе направиме финасиска ревизија на досегашното работење на комората, како и корекции на Статутот. Законот за здравствена заштита мора да се ревидира, затоа што претставува камен на сопнување – истакна доктор Старделова-Гривчева.

Нејзиниот заменик, доктор Илбер Бесими од тетовската Клиничка болница објасни дека според податоците, со кои тие во моментот располагаат, Комората на својата сметка има само 46.000 денари.

– Лекарската комора има земено два кредити, од едниот е купување на новиот простор, кој моментално се издава за 1.800 евра месечно, додека вториот кредит е за изградба на Симулацискиот центар кој чини 240.000 евра. Во моментот, за враќање од едниот кредит остануваат 367.100 денари, додека од вториот кредит 317.000 денари – додава доктор Бесими.

И.М.

Поврзани новости