Новите карти на крвавите кнежевства

by lali

Кога Филип Гордон, поранешниот помошник-државен секретар на САД за европски и евроазиски работи, сведочеше пред Поткомитетот за европски работи при Сенатот на САД на 14 април 2010 година, меѓу другото, го кажа следното: „Ние ја охрабруваме македонската влада да го постави подобрувањето на меѓуетничките односи како приоритет преку имплементација на словото и духот на Охридскиот рамковен договор. Понатаму, Македонија мора да продолжи да се фокусира на реформите, особено во сферата на владеење на правото“.

Спорот со името се дефинира како круцијален проблем, а „Македонија ќе добие покана за членство во НАТО веднаш штом ќе биде решен спорот со Грција “. Во врска со оваа тема тој вели дека САД „ќе го поздрават секое решение прифатливо за двете страни кое ќе произлезе од преговорите (кои ги води Метју Нимиц), но решение мора да има и тоа набрзо“.

Потоа, Филип Гордон го посети регионот во мај истата година. Во Македонија се сретна со Ѓорге Иванов, Али Ахмети и со Бранко Црвенковски. Не успеа да го најде премиерот. Никола Груевски беше на важно патување во пријателско Мароко.

Сепак, средба се случи, откако авионот на премиерот поради временските услови не успеал да слета на скопскиот аеродром, туку токму на загрепскиот, а таму, пак, го чекаше Гордон. Некои велеа дека Груевски се криел од Гордон, но дека на крајот бил принуден да се соочи со високиот американски функционер.

Како и да е, во јавноста се пласираа ветувања дека ќе се издржи на патот кон НАТО и ЕУ, дека ќе се продолжи со реформите и со јакнење на владеењето на правото, нели, не само поради интеграциските процеси туку поради нас самите, а секако се слушна и ветувањето дека ќе се интензивираат процесите за подобрување на меѓуетничките односи. И дека се работи на надминување на спорот со Грција.

Некој ден пред тоа, Ахмети, кој не се криеше по странство, се произнесе дека во разговорите со Гордон ја потенцирал и потребата и искрените напори на неговата партија Македонија да остане на патот на НАТО и ЕУ и дека на внатрешен план се работи на важните теми за општеството и за државата. Мендух Тачи никој не го побара, ни тогаш, ни сега.

КОГА МАСКИТЕ ЌЕ ПАДНАТ

Па, таман и да се направени од гипс-картон, како фасадите на барокно Скопје, маските мора еден ден да паднат. По посетата на Филип Гордон настапија уште потешки денови за македонската демократија, наспроти ветувањата на политичките елити дека сите забелешки ќе бидат разгледани и ќе се работи на подобрувања. Но, се случи токму обратното.

Се спроведе успешната офанзива против независните медиуми и нивна комплетна окупација, а институциите се претворија во покорни партиски ќелии кои ќе ја обезбедуваат недопирливоста на малкутемина властодршци.

Спорот со Грција не се помрдна од мртвата точка, а со тоа се обезбедија уште неколку години невознемируван живот на тронот на власта. За тие четири години се одржаа четири изборни процеси од кои два предвремени парламентарни, едни локални избори и едни претседателски, во кои се спроведе невидена партиска контрола, притисоци и злоупотреба на институциите.

Се намножија политички затвореници, факт кој го утврди и американскиот Стејт департмент во својот Извештај за состојбата со човековите права, како и низа други меѓународни и домашни организации, меѓу кои и Цивил. Меѓуетничките односи се влошија до точка на вриење. Македонија никогаш не била поблиску до меѓуетнички конфликт, по завршувањето на оној од 2001-та.

Се случи Црниот понеделник по кој се склучи политички договор на „тоалетна хартија“, како што тоа го нарече Илија Димовски. Владеењето на правото и почитувањето на човековите права и слободи станаа обични фрази, заменети со „довербата на народот кон власта“ (Гебелс).

ЧЕТИРИ ГОДИНИ ПОДОЦНА – ИСТА ПЕСНА

Четири години подоцна, новиот помошник-државен секретар Викторија Нуланд го начека премиерот дома. Рокот да се подготви ново бегство беше многу кус, бидејќи посетата не беше најавена, а престојот на највисокиот државен претставник на САД во последните четири години, траеше рамно 10 часа.

Груевски изгледа повеќе сакаше да биде отсутен за време на протестите на Албанците по повод пресудата од процесот Монструм, отколку за оваа пригода. Веројатно, му беше полесно да се соочи со Нуланд. Лесно помина со Гордон, па очекуваше да биде океј и со Нуланд.

Од своја страна, таа во јавноста ги пласираше речиси истите дипломатски насоки како и нејзиниот претходник, малку засилени, но доволно дипломатски за да бидат успешно спинувани. Приоритет за меѓуетничките односи, владеење на правото, надминување на спорот со името – тоа е мантрата. Зад затворени врати, може лесно да се претпостави дека разговорот течел многу поинаку.

Но, премиерот е искусен боксер и научен е да прима аперкати, директи и крошеа. Во комбинација со медиумските дриблери под неговата чизма и супер кооперативните владини партнери во џебот, тој може да продолжи со старата песна дома, а и да игра криенка со меѓународната јавност. До следната посета на висок американски функционер.

Со оглед на својата висока позиција во американската администрација и стандардите кои важат во јавните обраќања при дипломатска посета на една земја, Нуланд кажа повеќе од доволно во својот јавен настап по средбата со Груевски и неговите соработници. Малку е чудно, сепак, зошто Ахмети беше примен на посебна средба во Американската амбасада, но како и да е, тој го повтори, повеќе или помалку, истото од пред четири години по средбата со Гордон.

ИСТО Е, АМА НЕ Е ИСТО

Македонските аналитичари побрзаа да ја анулираат Нуланд, да ја окарактеризираат нејзината изјава како демагогија и да претпоставуваат дека зад затворени врати речникот бил поинаков. Сепак, не се работи за демагогија, туку за дипломатија, а зад затворените врати, овој пат, не мора да претпоставуваме каков речник бил употребен, туку можеме да утврдиме со доста голема доза на извесност. Впрочем, не мора ни да се ѕирка зад затворените врати за да се знае што слушнале ушите на македонските политичари од двете партии на власт.

Во настапот на „Кроација форум“, Викторија Нуланд, без дипломатски ракавици, изнесе дијагноза дека регионот го тресе корупција, нестабилна демократија, долготраен конфликт, етнички тензии и насилство. Таа кажа дека клептократите ги третираат државите како „бонанца“ на плен за себе и за своите послушници, дека нема слобода кога изборите се лажирани, независните медиуми замолчени, а малцинствата демонизирани. Нуланд констатира дека на Балканот не може да има мир ако корумпираните политичари употребуваат политичка, економска и судска закана за да ја задушат опозицијата и да ги ограбат своите граѓани.

Иако се чини невообичаено жестока, оваа констатација е во континуитет со наодите на официјалните институции на САД, особено со Извештајот за човековите права. Во оваа констатација нема зборови за оградување од типот „некои политичари“, „со исклучок на…“, значи никој не е поштеден од оваа квалификација. И се однесува на сите, па и на македонските лидери. Нема друг начин на толкување.

Тоа што треба да запомниме од оваа посета на Нуланд е дека ова е сигнал дека работите од пред четири години кога регионот го посети Гордон, се промениле. Дипломатскиот речник останал ист, но третманот е поинаков, особено затоа што земјава е во уште полоша состојба од претходно. И особено поради тоа што можете да ветувате и да не ги исполните своите ветувања само одреден број пати. Извозот на безбедноста, споменат во јавната изјава, во превод значи извоз на војници. Но, тие ги извезуваме секако, заедно со илјадниците други неволници кои „трбухом за крухом“, талкаат по светот, па и по боиштата.

РОКОВИТЕ ИСТЕКОА

Лично, мислам дека Груевски и Ахмети веќе немаат рокови за исполнување на ветувањата. Впрочем, тоа се истите ветувања кои им ги даваат и на своите сограѓан(к)и и не ги исполнуваат. Пред четири години ветија дека спорот со името ќе го решат за неколку месеци. Функционерите на ДУИ рекоа дека во септември ќе го преиспитаат своето учество во Владата, за потоа да го пролонгираат до декември. Не сум убеден дека имаат и толку време.

Груевски пред Нуланд вети дека ќе ги подобри меѓуетничките односи и дека ќе завладее правото. И нема да успее во тоа, бидејќи нема ни да се обиде. Дури и да се обиде, нема капацитет за такво нешто, не е во природата на машинеријата што ја предводи.

Во секој случај, пред Груевски и Ахмети има по едно ливче со многу краток список на едноставни задачи кои мора да ги извршат – вчера. Третманот на нашата земја е поинаков од пред неколку дена. До крајот на оваа година можеме да очекуваме сериозни пресвртници. Имајќи воени, економски, енергетски и климатски предизвици на глобално ниво, Американците ќе мораат да спроведат брзи и ефективни решенија во региончиња како нашиот, особено во земјички како нашава. Решението ќе биде, најблаго кажано, непријатно за сите.

Значи, властодршците во Македонија ќе мора да направат нешто веднаш, без одложување и спинување. Во спротивно, ќе се соочиме со изолација од која ќе се извлечеме по цена на многу жртви, ако некогаш се извлечеме. Ако некој се залажува дека сме многу битни поради геостратешката положба на земјава, горко се лаже. Ако мисли дека на САД му требаме, ако не за друго, тогаш барем заради логистичката поддршка на Бондстил во Косово, исто така, се лаже. За ситни пари, ќе бидеме надлетани или заобиколени, без некој тоа да го забележи. Како што тоа веќе се случува со енергетските и транспортните линии.

Ако некој решил да оди во тотална војна со своите сограѓан(к)и, а потоа да се извлече, повторно, многу горко се лаже. Но, ако некој се надева дека САД ќе спроведат демократски промени во земјава, додека опозицијата талка во сопствените лавиринти, интелектуалците молчат, а демократијата ја бранат само неколкумина храбри новинар(к)и и активисти за човекови права, исто така, се лаже. САД веќе нема да ни помогнат. Немаат повеќе време, ни можности, светот е во прашање. Тоа е пораката. Останатото ќе мора да го завршиме самите ние – граѓан(к)ите на Македонија.

Ако ние не ја завршиме работата, тогаш ќе ја завршат работата оние што во подруми прават молотови коктели, а во кабинетите се исцртуваат новите карти на крвавите кнежевства кои ќе ги воспостават погоре опишаните или слични на нив. Во меѓувреме, Македонија ќе се претвори во блиндиран сандак преку кој ќе прескокнуваат сите, како преку мала непријатност на патот.

Поврзани новости