Новиот руски министер за одбрана Андреј Белоусов, економист без воено искуство, изјави дека сака да ги модернизира вооружените сили и да постигне победа во Украина со минимални жртви.
– Целта на специјалната воена операција е секако да се постигне победа… и тоа со минимални човечки загуби – рече тој, но не појасни кој степен на загуби би бил прифатлив.
Русија не го соопштува бројот на загинати и ранети во редовите на својата армија во Украина.
Новиот руски министер, исто така, рече дека сака да ги „оптимизира“ воените трошоци.
– Првата (цел) е да се обезбеди интеграција на воената економија во целата економија на државата. Тоа не е едноставно и бара оптимизација на расходите (…) Што не значи нивно опаѓање – рече тој.
Говорејќи пред Горниот дом на парламентот, тој додаде дека неговата втора цел е максимално да ја отвори воената економија за иновации, особено за „дигиталната технологија“.
Рускиот претседател Владимир Путин направи промена во областа на одбраната во неделата, повеќе од две години по почетокот на војната во Украина.
Тој го смени Сергеј Шојгу, кој беше негов лојален министер за одбрана од 2012 година, и го назначи за секретар на Советот за безбедност, тело кое ги собира највисоките руски функционери, но без вистински овластувања.
Истовремено, во тоа министерство започна чистка поради обвинувања за корупција, со апсењето на заменик министерот Тимур Иванов во април и апсењето на генералот Јуриј Кузњецов, офицер за човечки ресурси.
Назначувањето на Белоусов дојде во време кога воената индустрија е моторот на целата руска индустрија.