Новиот министер за животна средина најави дека ќе ги реши еколошките проблеми

by fokus

Сакам да помогнам да се изгради Северна Македонија каде што родителите не треба да ја напуштат земјата за да најдат добра иднина за своите деца, каде што младите можат да учествуваат во модерна и зелена економија, економија која води кон напредок и создава работни места, одржувајќи ја нашата земја убава, нашиот воздух квалитетен за дишење.

Ова го истакна денеска новиот министер за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини на средба со новинари.

– Сакам да се погрижам да се соочиме со нашите еколошки проблеми за да оствариме најдобра иднина за нашите деца. Други земји, дури и малите како што е нашата покажаа дека е можно да се направат паметни еколошки одлуки кои носат и нови работни места, рече Нуредини.

Тој смета дека треба да се размислува за паметни начини за да се отстрани отпадот и да се рециклира, да се размислува за алтернативни начини за затоплување на домовите. Тој вели дека добар пример е Љубљана во Словенија, односно по кој пат се движи во делот на животната средина.

– Треба да најдеме најдобри примери за најдобри практики и да се обидеме да ги имплементираме овде, вели Нуредини.

Додаде дека посебен акцент ќе се даде на селектирање на отпадот, и ќе се обидат да внесат надворешно искуство со цел да ја намалат количината на отпадот што треба да заврши во депониите.

Поврзани новости