Новиот хит на Александар и Дац инспириран од големата љубов на Мира и Панче: „Воли ме, сакај ме“ го освојува регионот!

by Fokus

Популарното дуо Дац и Александар повторно ја изненадија својата широка публика и ја почестија со специјален музички новогодишен подарок кој се вика „Воли ме, сакај ме“. Песната е веќе хит на македонските радија, а веќе од денес може да се слушне и на радио програмите кај нашите соседи во Србија. По успехот на нивниот кавер од „Бела Чао“ во корона пандемијата, песната „Корона Чао“, на повидок е нов хит и тие повторно да ги преминат границите на Македонија и песната да стане слушана во регионот.

Велат дека ја темпирале оваа заразна и позитивна мелодија токму пред празниците, за да го обојат тмурното секојдневие со кое се соочуваме и да се даде еден мал зрак светлина и позитивна енергија за претстојните празници и Новата година. Таа е дел од нивниот музички проект „Љубовен пасош“ помеѓу Македонија и Србија, поточно љубовна приказна на релација Скопје – Нови Сад.

Приказната за песната е инспирана од парот Панче и Мира и нивната романса од младоста која се одвивала преку возовите на релација Скопје – Нови Сад. Додека новосаѓанката Мира не му го подарила срцето на Панче и нивниот живот продолжил во Македонија, тие секогаш се разделувале со зборовите „Воли ме, сакај ме“.

Тоа беше главна инспирација на овој текст создаден од текстописците Огнен Неделковски и Александар Митевски, додека музиката и аранжманот се дело на Александар како докажан хит-мејкер. Со еден специјално прилагоден вагон на Македонски Железници Транспорт и со помош на агенцијата Division беше снимено ова интересно видео, а во екранизацијата на приказната на Панче и Мира се појавуваат млади модели од модното студио „Црнокрак“.

Енигма е идентитетот на девојката која ги пее женските вокали на српски јазик, а Дац и Александар велат дека нема да ја откријат се до 31 декември кога таа ќе им се придружи во „Трибека“ на нивната новогодишна забава. Радио станиците низ Македонија каде се пушта оваа песна велат дека нивните слушатели според бојата на гласот мислат дека се работи за Фрајле, Наташа Беквалац, или пак Јелена Розга, Северина. Сепак, кој и да е вокалот, сите велат дека е ова одлична песна која ги освои слушателите на „прва топка“ и многумина ќе се пронајдат во неа.

Ова дуо е познато по своите незаборавни забави кои ги прават низ цела Македонија, а овој месец на сите нивни свирки ја промовираат и новата песна за која велат дека публиката ,,ја пее од прва”. Со нивното мото ,,Само љубов и позитивна енергија” тие ви ги честитаат престојните празници и посакуваат приказната од „Воли ме, сакај ме“ да најде место во вашето срце.

Вики Клинчарова

Поврзани новости