Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ објави дека нов генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ е Ѓорѓија Сајкоски, а од партијата откриваат дека новиот секретар е личен предлог на Мицкоски.
-Денеска при заседавањето на Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ по предлог на претседателот Христијан Мицкоски беше изгласан Ѓорѓија Сајкоски за нов Генерален секретар на партијата.
Ѓорѓија Сајкоски е роден во Кичево и е доктор на историски науки. Сајкоски е долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ, пратеник во сегашниот состав на Собранието.
Инаку во минатото Сајкоски има извршувано повеќе функции и тоа претседател на Совет на Општина Кичево 2009-2013, заменик министер во министерство за локална самоуправа, директор на ЈП Студенчица.
Сајкоски има извршувано и повеќе партиски функции и тоа бил член на избирачки одбор номиниран од ВМРО-ДПМНЕ во сите изборни циклуси од 1998 до 2006 година. Бил претседател на Месен Комитет Девеана, во склоп на ОК ВМРО-ДПМНЕ Кичево од 2004 до 2008 година. Исто така Сајкоски бил претседател на комисија за култура под ОК ВМРО-ДПМНЕ Кичево од 2004 до 2010 година. Претседавал со Советот на Општина Кичево и бил исто така координатор на советничка група на ВМРО-ДПМНЕ од 2009 до 2013 година. Членувал во Комисија за локална самоуправа од 2010 до 2014 година. Сајкоски исто така бил и потсекретар период од 2011 до 2015 година. А, е претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Кичево 2010 до 2020 година.
Членовите на Централен Комитет на ВМРО-ДПМНЕ го избраа и му дадоа поддршка на Сајкоски бидејќи веруваат дека тој одговорно ќе ја врши функцијата Генерален секретар и ќе ги застапува конкретните политики на партијата кои ќе допринесат да се насочи Република Македонија на вистинскиот пат, се вели во партиското соопштение.