Новиот директор на скопска Кардиохирургија е брат на екс пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Харлампие Шокаровски

by Fokus

Пред речиси еден месец од функцијата директор на скопска Кардиохирургија беше разрешен доктор Сашко Јовев, за кој во јавноста се крена голема врева, како од тимот со кој работи години со него, така и од повеќето пациенти, кои како што тврдеа им го спасил животот.

Тој излезе јавно и ги соопшти според него причините за разрешувањето, додека пак во официјалното образложение за негова смена е наведено дека имал неколку дежурства, иако за тоа требало да добие дозвола од министерот за здравство, а одлуката ја донел Венко Филипче, во периодот, кога го раководеше ресорното министерство.

Па така, по неколку недели објаснувања, натегања и докажувања, министерот Меџити си остана на своето и не ја промени одлуката да го врати разрешениот кардиохирург на директорската позиција.

Во меѓувреме, пред десетина дена откако целата атмосфера малку спласна, од министерството за здравство стигна официјален допис дека за нов директор се назначува кардиохирургот Марјан Шокаровски од Охрид, како и плејада пофалби упатени на негова адреса.

По неговото назначување, коментар за „Фокус” даде разрешениот директор на скопската Кардиохирургија.

„Се избираат најнеспособните кадри и Јуда за да може да ги контролираат. Тоа е целта.”, вели доктор Јовев во изјава за „Фокус”.

Сепак, ако малку се прочепка кој е новиот директор на скопска Кардиохирургија, тогаш се доаѓа до информации дека е брат на поранешниот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Харлампие Шокаровски. 

Тој, исто така беше и член на Извршниот одбор на Лекарската комора, во времето кога со неа управуваше нефрологот Кочо Чакаларовски, а негов заменик беше Ленче Неловска од редовите на ВМРО-ДПМНЕ,  која се кандидираше за претседател на ЛК, но изгуби од доктор Калина Старделова- Гривчева, а беше и главен подржувач на протестите за „За заедничка Македонија“.

Ирена Мулачка

Поврзани новости