Состојбата со производство на електрична енергија во Македонија е катастрофална, рече Драган Миновски, новиот директор на ЕЛЕМ на денешната прес конференција.
-Во 2006 биле произведени 6.510 гигават часови електрична енергија, во 2013 произведени се 5.113 гигават часови, а лани само 4.300 гигават часови. За годинава предвидувањата се дека ќе завршиме само со 3.600 гигават часови произведена електрична енергија, што не било никогаш, односно е рекордно ниско нивно на производство на АД ЕЛЕМ. Недомаќинско и неодговорно работење утврдивме особено во периодот во последните неколку години, што е недозволиво во компанија, која што е најголем и единствен државен производител на струја и столб на македонската енергетика и економија. Годинава пак намаленото производство се должи на тоа што во текот на цела 2017 година не се направени редовните годишни ремонти на блоковите во РЕК Битола. Оставени се за сега, за есенските и зимските месеци, а требало да се направат во текот на пролетните и летните месеци.Претходното раководство не ги ремонтирало капацитетите и не ги подготвило за есента и за поголемата побарувачка во грејната сезона. И сега кога треба засилено да произведуваат, тие треба да бидат запрени за да работиме на нив, рече Миновски.
Според Миновски, во моментов намаленото производство на струја се должи и на тоа што не била добро изведена ревитализација на блоковите 2 и 3 во РЕК Битола.