Новинарско истражување: Во ЕУ повеќе им смрдат мишките!

by lali

91OzTdL5UdLПо неколкумесечно истражување, тим од новинари од провладините медиуми докажа дека на жителите од Европската унија повеќе им смрдат мишките споредено со Македонците. Истражувањето е дел од неформалниот проектот „НЕ У ЕУ“ кој летоска го обновија неколку медиуми блиски до „Илинденска“ бр. 2.

Благодарејќи на овие напори, меѓу другото, македонските читатели имаа можност да се информираат дека во Шведска повеќе се силуваат жените отколку во Македонија, и тоа бајаги повеќе!

Тимот од искусни новинари-плукачи беа прераспределени во десет европски метрополи и тие истражуваа на терен од каде собираа брисеви, најчесто во автобусите од јавниот превоз кога е најжешко, и низ официјалната статистиката за потрошувачка на антиперспиранти.

Новинарите со истенчен „њух“ репортираа дека небричена мишка во Копенхаген смрди три до четири пати повеќе отколку нетретирани пазуви во скопскиот автобус со број „15“ на 40 Целзиусови степени. Она што е интересно е дека секогаш не важи правилото „што јужние то тужние“ бидејќи според истражувањето ако се тргне од Копенхаген кон орбанова Унгарија или кон Белорусија на Лукашенко, се доаѓа до заклучок дека во овие земји хигиената е на повисоко ниво.

Од друга страна, ако се фати југозападот, кон Франција и кон Италија резултатите се очекувани, потточно нивото на смрдеа под пазувите е еднаква на радијацијата од неколку грама ураниум. Што поради топлото време, што поради членството во ЕУ.

– Одма ми текна. Кога чув дека Меркел носела една туника цели 18 години веднаш се запрашав како ѝ мирисаат мишките. И тогаш се сетив дека сите европски дипломати во Македонија се кријат и внимаваат да не биде откриена аромата од нивните пазуви. Филе секогаш носи одело и кошула закопчана до врат, и тоа не е случајно. Што не дојде по куси ракави да го видам? Аиво Орав намерно е избран за евроамбасадор оти е многу висок и под пазуви може да му мирисаат само кошаркатите. Фуере од друга страна само се бањаше, демек се фрлаше по буриња во Охридско езеро, додека холандскине амбасадорки не се симнаа од точак, цело време луфтираат мишки на две тркала – аргументирано коментира еден од авторите на истражувањето.

Истражувањето исто така покажува дека колку една земја-кандидат за ЕУ е поблиски до унијата, толку се зголемува потрошувачката на „рексона“.

disklejmer

Поврзани новости