Синдикатот на медиуми и медиумски работници и Здружението на новинари на Македонија бараат веднаш да прекине “рашомонијадата“ околу преговорите за медиумите.
– Време е да се каже јасно и гласно кој за што се залага. Одбиваме да бидеме ставени во ситуација да коментираме и да валоризираме предлози кои до нас доаѓаат посредувани од партиски спинери. Ги повикувам СДСМ да ни го достават нивниот предлог. Во спротивно, апелираме до ВМРО ДПМНЕ да ни го достават предлогот на СДСМ, во име на рамноправна транспарентност на преговарачките страни – порача претседателката на ССНМ, Тамара Чаусидис.
Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, ја осуди хајката и црната кампања која медиумите блиски до власта ја водат против европскиот посредник Питер Ванхауте.
– Ваквото неодговорно однесување на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ не помага да се најде квалитетно решение за медиумските реформи. Со лаги и подметнувања двете партии не можат да ја сокријат нивната одбивност кон вистински рефоми во медиумите. Уште еднаш повторуваме дека предлогот на СДСМ, кој беше доставен неделава, во битни делови се разликува од предлогот на посредникот Ванхауте – порача Селмани.
И Македонската асоцијација на новинари реагираше дека ја осудува и отфрла квалификацијата на посредникот Ванхауте со која вели дека во Македонија не може да се преслика во целост европски закон од областа на медиумите, бидејќи е државата со посебен правен систем, но и менталитет.
„Го потсетуваме посредникот Ванхауте дека прогласувањето на една нација за инфериорна во однос на други нации е расизам, односно говор на омраза, и бараме оние кои го пратиле во Македонија да се оградат од неговата изјава, и истата да ја осудат. Со оваа изјава на посредникот Ванхауте се повредуваат демократските стандарди и правни акти на Европската унија и државите членки на Унијата“, стои во соопштенеито на МАН.