Новинарските здруженија бараат да не се врати државно рекламирање во медиумите

by Фокус

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Здружението на новинари на Македонија, Македонскиот институт за медиуми и Советот за етика во медиумите повторно го истакнаа своето спротивставување на евентуалните измени на членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кои би било дозволено рекламирање на јавни институции во медиумите.

„ССНМ, ЗНМ, МИМ и СЕММ сметаат дека е недозволиво состојбата во медиумската индустрија да биде вратена на нивото од пред четири години кога со државни средства, на нетранспарентен начин беа плаќани астрономски суми во медиумите без никакви критериуми. Таа пракса на која се противевме беше оценета како лош пример за државен поткуп на медиумите и придонесе за влошување на состојбата во медиумите и зголемување на пристрасноста во нивното известување“, се наведува во заедничкото соопштение.

Како што соопштија четирите организации, оваа реакција по вчерашната најава на премиерот Зоран Заев дека „во скоро време ќе биде даден предлог од МИОА за укинување на членот 102, односно негова промена за да може да ги помогнеме медиумите преку остварување договори со јавни претпријатија, општини и слично, во делот на нивната транспарентност и спроведување на нивните одлуки како што се седниците на управни одбори, на совети итн.“

Поврзани новости