Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) во духот на синдикалната солидарност го поддржа денешниот штрајк на колегите од СОНК.
„Свесни дека образованието, науката и културата се темелите на едно општество и на секоја цивилизирана заедница која сака да напредува сметаме дека проблемите со кои се соочуваат вработените во оваа гранка не смеат и не можат да бидат прашање само на струката, туку е прашање на целото општество.
Уривањето на професионалното и работно достоинство како што е тоа случај со професорите од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип кои штрајкуваат со глад, не може да биде игнорирано. Немањето реакција на надлежните досега за легитимните барања на професорите го прави протестот единствен начин за вршење на притисок во јавноста за остварување на работните права.
Затоа ги охрабруваме колегите од СОНК здружено и заеднички да го демонстрираат несогласувањето со актуелните состојби наспроти притисоците и манипулациите со кои се соочуваат“, се вели во соопштението на новинарскиот синдикат.